| |

Грчки новинар: Националистичкиот популизам на Мицкоски е неисплатлив

Новиот премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, брзо сфати дека е тешко да продолжи со популистичкиот националистички наратив што ја донесе победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 8 мај. Ова го изјави новинарот на „Либре“ Спирос Сидерис, додавајќи дека употребата на „Северна“ во Северна Македонија не е желба, пренесува БГНЕС.

Тој нагласи дека има голема разлика меѓу зборовите и постапките, бидејќи „Премиерот на Северна Македонија“ продолжува да ја нарекува својата земја „Македонија“ во јавните изјави на територијата и надвор од неа, со што се крши Договорот од Преспа.
Внимание привлекува и копирањето на наративите на Трамп во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.

Парафразирајќи го слоганот на Доналд Трамп од 2016 година „Make America Great Again“ и слоганот на ротирачкото претседателство на Унгарија со Европскиот совет „Make Europe Great Again“, Мицкоски сака повторно да ги направи горди „Македонија“ и „Македонците“. Веројатно затоа што ќе ги заборават ветувањата што ги дадоа пред изборите, а кои изгледаат тешко, ако не и невозможно да се исполнат. Но, останува прашањето зошто Мицкоски продолжува да провоцира реторички, кршејќи го Договорот од Преспа и не прифаќајќи го Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, додека Софија инсистира на промена на Уставот на Северна Македонија за да се интегрира бугарското малцинство во него?

Одговорот има два дела, според Сидерис.

Првиот одговор се однесува на предизборната реторика за двата договора, бидејќи пред изборите Мицкоски ветуваше дека ќе ги преиспита двата договора, но тешко и невозможно е да се направи и опстане државата на европскиот пат, а опозицијата веќе го обвинува на крадење на гласовите на граѓаните со лажни ветувања.

„Вториот одговор се однесува конкретно на Договорот од Преспа. Мицкоски, според добро упатен извор, сака да го искористи членот 19 од Договорот за решавање спорови. Премиерот на Северна Македонија сака да ја намами грчката влада да го користи членот 19, верувајќи дека ќе победи“.

Иако ова звучи апсурдно и прилично екстремно, активирањето на членот 19 ќе значи повеќе политичко време за неговата влада во Северна Македонија и помалку реакции од оние кои гласаа за него на последните избори по овој критериум. Мицкоски се надева дека на овој начин ќе предизвика несогласувања и проблеми во владата на Кирјакос Мицотакис, бидејќи не се малку пратениците на Нова демократија кои сè уште не можат да го прифатат Договорот од Преспа, барем јавно и особено за нивните поддржувачи – се наведува во написот.

Инаку, споменатиот член 19 од Договорот од Преспа е за решавање на спорови. Според овој член, страните мора да ги решаваат споровите по мирен пат, а доколку една од страните „не постапи во согласност со одредбите на договорот“, проблемот прво се решава билатерално, а потоа преку генералниот секретар на Обединетите Нации. Третиот став од член 19 дозволува, доколку постои спор меѓу страните во врска со толкувањето или спроведувањето на договорот, да се покрене постапка пред Меѓународниот суд на правдата. Мицкоски веќе ја спомена оваа опција по првите реакции на Грција за непочитување на Договорот од Преспа.

Слични Објави