| |

Грците ќе нè снабдуваат со јаглен и мазут, а ќе градат и гасна централа во Скопје

Глобално, веќе се јавува недостиг на јаглен и на мазут. Ние се договоривме и доколку има ограничувања за извоз од страна на Република Грција, тоа да не важи за Северна Македонија – рече Ковачевски.

За претстојната зима Македонија договори непречено снабдување со јаглен и со мазут од Грција, дури и да има забрана од грчката страна за извоз на овие производи, грчки инвеститор ќе гради гасна централа во Скопје, а за изградбата на Чебрен, со грчката компанија „ППС“ веројатно ќе се потпише договор до крајот на годината.


Овие детали ги откри премерот Димитар Ковачевски по средбата со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис,по средбата во Атина каде што во фокусот беше енергетската криза.

– Имавме исклучително корисна средба со премиерот на Грција Мицотакис и со неговиот тим од економските ресори. Темата на разговорите е енергетската криза затоа што нејзиниот интензитет и војната во Украина претпоставуваат регионално здружување и соработка со цел најбезбедно да се помине претстојната зима, која ќе биде исклучително тешка – рече Ковачевски на прес-конференцијата во Атина.

Тој рече дека за четвртиот квартал од оваа година и за првиот квартал од наредната година договорено е од Грција да купуваме јаглен за РЕК Битола и за ТЕЦ Осломеј, но и дека Грција има големи наоѓалишта на јаглен што остава простор за една подолгорочна соработка. Исто така, информираше Ковачевски, договорено е да продолжи набавката на мазут преку Грција, со што ќе се обезбеди непречено работење на ТЕЦ Неготино.

– Ова е многу важно затоа што веќе се јавува недостиг на овие енергенси. Ние се договоривме и доколку има ограничувања за извоз од страна на Република Грција, тоа да не важи за Северна Македонија – рече Ковачевски.

На состанокот, како што информираше Ковачевски, било разговарано и за големите проекти што ги водиме заедно со Грција, а во врска со зелената транзиција.

– Разговаравме за интерконекторот од Република Грција до Неготино. Веќе е почната процедура за маркет тест што треба да ја покаже исплатливоста на оваа инвестиција, а бидејќи веќе има понуди за закупување на капацитети во овој гасовод, доколку сè тече по планот, неговата изградба треба да почне до крајот на годината. Втората најавена инвестиција од грчки инвеститори е гасна централа со капацитет до 200 мегавати, кои тие изразија желба да ја градат во Северна Македонија и штом ќе завршат анализите, оваа инвестиција ќе биде и претставена на јавноста. За Чебрен конечно имаме понуда, таа е од грчката компанија „ППС“. Понудата секако ќе помине на евалуација од комисија која тоа го работи во рамките на нашите институции. Ако евалуацијата покаже соодветност на очекувањата, до крајот на годината може да очекуваме потпишување договор – рече Ковачевски.

Во однос на терминал за течен природен гас (ЛНГ) во Александруполи, Ковачевски рече дека на средбата во Атина е реафирмирана нашата заложба за учество во оваа инвестиција и дека веќе имаме закупени количини.

– Според плановите, ЛНГ-терминалот треба да почне да се гради на крајот од идната година. Тоа е голем проект и ќе имаме гас што конечно оди од југ кон север, а не само од исток кон запад. Сега ние имаме само еден интерконектор за гас со Бугарија, а со тој со Грција, како и со уште еден што се договара со Бугарија ќе имаме уште два дополнителни извори за гас, со едниот ќе имаме пристап до течниот гас од терминалот, а со другиот до гас од Азербејџан- објасни Ковачевски на средбата со новинарите во Атина.

Извор: slobodenpecat.mk

Слични Објави