Грковска не ја негира ниската доверба во институциите: Во мала земја како нашата тешко е да се исфрлат од употреба „тефтерчињата“
„Напредокот кон ЕУ несомнено значи подобри услови за живеење и повеќе можности за развој за сите наши граѓани. Носи нови и посветли перспективи за народите, кои изминативе децении преживеаја многу турбулентни времиња и кризи. За жал, обременетоста со историјата на конфликти и сите надворешни и внатрешни фактори што профитираат од тој наратив и ден-денес се сопирачка што ги отежнува позитивните процеси на кои сме посветени. Директно, тоа влијае на динамиката на нашето пристапување во ЕУ, иако самата Унија е основана за да се стави крај на историските раздори на европска почва во име на иднината“, изјави заменичката на претседателот на Владата, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на регионалниот експертски состанок за Кластерот 1 („Основни вредности“), во организација на Европското движење на Северна Македонија – Национална конвенција за ЕУ.
Грковска истакна дека големото одолжување на европскиот пат, многуте објективни, но и тенденциозно креирани кризи, ја оневозможуваат и неопходната културолошка промена кон која тежнеат сите што се посветени на борбата со корупцијата, особено во поглед на толеранцијата во општеството кон овој феномен.
„Децениското вкоренување коруптивни практики не може да се излечи и надмине толку бргу колку што би сакале. Ниту, пак, лесно може да изградите капацитети ако на вашите напори им претходело владеење, кое целосно ги заробувало и разградувало институциите. Денеска, истите тие цинично го припишуваат на денешната Влада сето она што тие свесно и плански го уништија и сметаат дека актуелните кризи и пречки ќе го избришат злоделото што ја изолира и свесно ја уназади државата“, истакна Грковска додавајќи дека не може да се негира ниската доверба во институциите, особено во правосудството и дека во мала земја како нашата, тешко е да се исфрлат од употреба „тефтерчињата“.
„Во ризичните времиња во кои живееме не смееме да дозволиме европската ориентација на нашето општество, која беше речиси акламативна, да се претвори во дезориентација со ризични импликации“, изјави Грковска и порача дека заедно со нашите европски пријатели мора да го сопреме порастот на недемократски и авторитарни влијанија, кои ја намалуваат поддршката за членство во ЕУ.
Денешниот регионален состанок е во рамките на проектот „Правдата нека владее со регионот“, спроведуван од постојните структури на Националната конвенција за Европската Унија, партиципативен модел на дијалог, кој функционира во Србија, Албанија и Северна Македонија и е насочен кон демократизација на процесот на интеграција во ЕУ.