Груевски: Неспособната власт на СДСМ прави политички теaтар со автопатите
Сумирајќи ја првата година на оваа власт која е коалиција на две партии кои од надвор ги договорија и им кажаа дека ќе бидат коалиција, едната од нив СДСМ- поразена на изборите во декември 2016-та, другата ДУИ – преполовена по бројот на пратеници на истите избори, фокусирајќи се на делот на инфраструктурата и капиталните инвестиции, неизбежен и видлив е застојот и откажувањето на многу инфраструктурни проекти и на многу крупни такви проекти, пишува почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на својот Фејсбук профил.
-Тоа предизвика губење работа на многу градежни фирми и фирми од уште 26 индустриски гранки кои се поврзани со градежништвото, како лимари, стаклари, фирми за електрични инсталации, фирми транспортери на земја, индустрија на плочки, водоводни инсталации, фирми производители и трговци со градежни материјали, фирми кои плаќаат концесија за песок, чакал, и други градежни материјали, осветлувања и уште што ли не. Сето тоа влијае како на невработеноста, така и на помалку пари во буџетот, кое веќе е евидентно. Влијае и на пад на економијата. Но целта е политичка, а тоа е проектите кои се во длабока фаза на градба да се прикажат како проекти на СДСМ, а не на ВМРО-ДПМНЕ, напиша Груевски и додаде:
„Еден таков проект е градбата на нов автопатот Скопје – Штип, преку Свети Николе. Тој беше готов над 70 проценти во моментот на трансфер на власта. Тоа значи дека овој автопат, доколку не се сменеше власта и не направеше вештачки застој, денес во април 2018-та ќе беше изграден и пуштен во употреба. Скопјани кои патуваат кон источна Македонија, а уште повеќе штипјани, струмичани, кочанчани, виничани, беровци, радовишани итн денес ќе возеа на далеку побезбеден пат и ќе стигнуваа од Штип за Скопје или обратно за околу 35 минути наместо за еден час како што е сега. Најголем дел од сообраќајните несреќи кои се случуваат секој ден ќе се избегнеа, работата, движењето и превозот ќе беше многу побрз и со помала амортизација на возилата, како и заштеда на гориво. Новата власт на СДСМ, неспособна да направи некој нов проект и мотивирана од се и сешто, за да прави лажна сензација и фабрикувани случаи, ја сопре работата на патот со образложение дека фирмата градител барала анекс и дополнителни средства, затоа што работите на терен покажале дека треба зголемување на инвестицијата. На крајот, по речиси една година застој, видоа дека тоа што го бара фирмата градител е реално и нужно, и не го раскинаа договорот со таа фирма туку потпишаа анекс на тој договор. Во меѓувреме стотици телевизиски прилози и настапи на новата власт за сето ова. Политички театар. А всушност, не постои изградба на пат, железница, крупен енергетски проект, каде што при градбата не излегуваат вишоци и кусоци за кој се прават анекси. И во Македонија, и во цел свет. Стотици примери на градби на автопати има низ Европа, Америка и цел свет каде се почнал автопат со една проектирана цена, но во тек на градба се утврдува реалната состојба која ангажираниот надзор од државата ја констатира и на база на тоа потпишува анекс договор кој најчесто е зголемување на цената. И тоа е реалната цена на автопатот“.
Извор: Курир