Холандскиот Парламент поддржа предлог за трибунал за Украина

/

Холандскиот Парламент денеска го поддржа предлогот за формирање специјален трибунал во Хаг кој ќе ги гони руските воени и политички лидери за нападот врз Украина.

Пратениците со мнозинство гласови го усвоија предлогот во кој ја повикуваат холандската Влада да се ангажира во Европската унија и Обединетите нации за формирање на специјален суд за руските злосторства во Украина.

Во Хаг се наоѓа Меѓународниот кривичен суд, кој отвори истрага за наводни воени злосторства по руската инвазија на Украина на 24 февруари, но нема јурисдикција да ги гони одговорните за таа агресија.

Москва ги отфрла обвинувањата на Киев и западните земји дека извршила воени злосторства во Украина.

Киев се залага за формирање на специјален меѓународен суд кој ќе ја гони руската воена и политичка елита, одговорна за инвазијата врз Украина.



Министрите за надворешни работи на Естонија, Летонија и Литванија минатата недела објавија заедничка изјава во која ја повикаа ЕУ да го поддржи формирањето на новиот трибунал.

Извор: zoom.mk



Претходна статија

Средба на Спасовски со еврокомесарката за внатрешни работи Јохансон

Следна статија

Советот на Град Скопје ја изгласа одлуката за давање субвенции на ЈСП

Најново од Вести