| |

Или економско-финансиски систем на европска и евроатлантска Северна Македонија – или “Алта систем” во кој живееме 35 години

Ивон Величковски

Реиндустријализацијата е неопходност. Но недостижна е со странски инвестиции субвенционирани со кредити од надвор, „лон” производство и затворен банкарски систем неподготвен за пазарен ризик. Нашето производство во 1990-тите го доживеа неминовниот пад: според некои поради отежнетиот пристап до странските пазари, според други поради приватизацијата. Но пред се поради одржувањето затворена економија низ ограничена конкуренција и контролирани финансии.

Затворената економија ја храни и одржува југо-советската тајкунерија. Затоа по 1991 само го адаптира монопартискиот/медиумскиот монопол во контролиран “плурализам”.

А заедно со затворените финансии го контролираат отпорот кон ЕУ во Скопје: оти тоа е отпор кон конкурентниот пазар кој носи и профит и ризик.

Пазарните услови и конкурентноста бараат и поддршка од домашните банки за инвестициските потфати на малите и средните компании – и особено ваквите семејни фирми. Токму ваквите производни компании се со потенцијал за производство во (синџирот на снабдување за) производот Made in EU.

Семејните, мали и средни компании (и при короната) се покажаа пофлексибилни и поотпорни на пазарните шокови и поретко ги отпуштаат работниците.

Зошто форсираме вакви нови компании посветени (и) на снабдување на европските производители? Од две причини:

Прво, тие можат практично од нула да влезат во производство (на елементи за) финални производи за домашниот и европскиот пазар – прескокнувајќи ја технолошката фаза пропуштена со изминатите 3 децении.

Второ, со релативно кратка обука на својот кадар тие ќе можат да влезат во производство и покрај загубата на „индустриската меморија“.

Концептот на Нова Република по ова прашање е вклучување во замената на кинеските и неевропските суровини и материјали вградени во европскиот производ со наши.

Безбедноста на синџирот на снабдување, вклучително намалената дистанца може да ја компензира минималната разлика во цена на домашниот во однос на кинескиот производ.

За таа цел предлагаме финансирање од два потенцијални извори.

Првиот извор е ЕУ, вклучително преку достапните фондови.

Без посредство на Владата и со директен повик до заинтересираните и потенцијалните претприемачи – за конкретни проекти. И со процес воден од наменска канцеларија на ЕУ. Северна Македонија денес нема производ Х. Но секако може да има производител на делови за производот Х. Во втора фаза, ќе го произведуваме и производот Х.

Вториот извор се домашните банки: кредитирањето на инвестициските потфати не може да се потпира само на екстерни извори. Банкарскиот систем ни е конзервативен, но не може да се сведе само на откуп на благајнички записи и кредитирање администрација и градежништво.

За ова е потребен систем договорен меѓу банките, стопанските комори и Владата:

1) Банките – ставаат на располагање средства,

2) коморите и Владата – градат Стратегијата за развој на производството,

3) Владата – гарантира инвестициски процеси.

Овој систем не може да го гарантираат постојните партии и нивните фракции – затоа што нивниот корен е пред 1991.

Негативната алтернатива на ова ја живееме: банки за кршење санкции, за одржување авторитарни режими и за проруски сентимент во неевропска Северна Македонија.

Алта – систем по модел на Белград, одработен во Скопје.

Антените на овој тековен модел, вклучително „живалевиќ-медиумите“ ќе обесхрабруваат секаква промена со цел одржување на јужното крило на рускиот свет во заднината на Источното крило на НАТО. Бидејќи агресијата врз Украина е почеток на руската цел: враќање на нејзините „сфери на влијание“ во (Источна) Европа од 1945.

А ЕУ го спречува таквото сценарио.

Слични Објави