Претседателката Јотова ќе го отвори јубилејниот тракиски фолклорен собир „Богородична стапка 2026“
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, денеска во 11:30 часот ќе го посети селото Старозагорски Бањи, каде што ќе учествува на отворањето на 20-от Национален тракиски фолклорен собир „Богородична стапка 2026“, соопшти прес-службата на бугарскиот претседател, пренесува БТА.
Јубилејното издание е посветено на 170 години општонародна читалишна дејност и на 130 години организирано тракиско движење во Бугарија.
На манифестацијата, која ќе се одржи денеска и утре, 29 и 30 август, ќе настапат учесници од 20 области во Бугарија. Танцови и пејачки состави, како и индивидуални изведувачи, ќе претстават повеќе од 30 часа фолклорна програма на две сцени.
Собирот се одржува секоја година кај истоимениот природен феномен во близина на Старозагорски Бањи. Тој е најголемиот форум во регионот посветен на зачувувањето и промовирањето на бугарските песни, танци, обичаи и традиции.
Настанот се организира со поддршка на Општина Стара Загора, Месната управа на Старозагорски Бањи, Сојузот на тракиските друштва, Тракиското друштво „Одринска епопеја“ и Народното читалиште „Христо Ботев – 1952“.
