Илјадници демонстранти во Тирана во поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово
Илјадници луѓе, претежно од Косово, се собраа во центарот на албанската престолнина Тирана за да изразат поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои се обвинети за воени злосторства пред Специјализираниот суд за Косово во Хаг, јавува БГНЕС.
Протестот на плоштадот „Скендербег“ започна со интонирање на албанската химна и скандирања „UÇK, UÇK“, а заврши со повици „Слобода за ослободителите“. Настанот, организиран од ветерани и организации произлезени од ОВК, имаше цел да го изрази незадоволството од судскиот процес против Хашим Тачи, Кадри Вејсели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, кој започна во 2023 година и се ближи кон својот крај.
Во 90-тите години, југословенскиот/српски диктатор Слободан Милошевиќ започна разорни војни во Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово (1998–1999). Илјадници беа убиени, а стотици илјади протерани од своите домови.
„Се собравме овде за да го кренеме гласот за правдата и да ја одбраниме ОВК“, изјави претседателот на Организацијата на воените ветерани на ОВК, Хусни Гуцати. „ОВК не треба да докажува дека била ослободителна армија – тоа веќе е докажано од историјата, од народот, од гробовите на мачениците и од целиот свет кој со свои очи ги виде српските злосторства во Косово“, додаде тој.
„Од овде му порачуваме на светот дека Косово се борело за слобода и независност – синовите на овој народ не се злосторници. Судските процеси во Хаг се еднострани и неправедни“, нагласи Гуцати.
На протестот присуствуваа и поранешниот албански претседател Алфред Моисиу, како и лидерот на Демократската унија за интеграција во Северна Македонија, Али Ахмети, кои се обратија пред насобраните граѓани. Специјализираниот суд за Косово, составен од меѓународни судии и адвокати, беше формиран во 2015 година од парламентот на Косово за да ги разгледува делата против поранешни припадници на ОВК.
Албанската влада ја поддржа демонстрацијата со укинување на патарината на автопатот меѓу Тирана и косовската граница за 24 часа – од 17 до 18 октомври. Неколку косовски општини, меѓу кои Приштина и Призрен, обезбедија бесплатен превоз за учесниците. На протестот присуствуваа и Албанци од Северна Македонија, Црна Гора и Прешевската Долина.
Настанот предизвика и политичка напнатост меѓу албанскиот премиер Еди Рама и косовското владејачко движење „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти. Во пресрет на протестот, „Самоопределување“ го поддржа собирот, но ги обвини политичарите кои го поддржале формирањето на судот во 2015 година, меѓу кои и Рама.
„Наместо да протестираат, тие политички актери треба да покажат барем малку каење за своите погрешни ставови од минатото. Јасен пример е актуелниот премиер на Албанија, Еди Рама, кој дури и итно пристигна со хеликоптер во Косово за да ги убеди локалните претставници да гласаат за создавање на овој суд“, се наведува во соопштението на движењето на неговата страница на „Фејсбук“.
