Трамп го повика Зеленски да направи договор со Русија за крај на војната
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека за време на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа го повикал да постигне договор со Русија за запирање на војната. Според Трамп, двете страни треба да „прогласат победа“ и да стават крај на крвопролевањето, јавува БГНЕС.
„Му го реков тоа, што му го реков и на претседателот Путин – време е убиствата да запрат и да се направи договор“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, опишувајќи ја средбата со Зеленски како „многу интересна и пријателска“.
Од своја страна, Зеленски истакна дека нема намера да објавува детали во врска со можноста Украина да добие далекубојни крстосувачки ракети Tomahawk, бидејќи Вашингтон „не сака да дојде до ескалација со Москва“.
„Разговаравме за далекубојното оружје, но решивме да не ја коментираме темата, бидејќи САД не сакаат напнатоста да се зголеми“, рече украинскиот претседател. Тој додаде дека Русија се плаши од американските ракети Tomahawk, кои ги нарече „многу моќно оружје“, но останува „реалист“ во однос на можноста Киев да ги добие.
