| |

Георгиев-Макдауел: Бугарија и САД го зајакнуваат стратешкото партнерство

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, се сретна со привремениот раководител на американската амбасада во Софија, Мартин Макдауел. На разговорот биле разгледани темите поврзани со стратешкото партнерство меѓу двете земји, како и соработката во приоритетни области како безбедност, одбрана и енергетика, јавува БНР.

Американската страна потврди дека во наредните неколку дена ќе бидат испорачани уште два авиона F-16 Block 70, а се очекува и останатите два од првата пратка да пристигнат до крајот на годината, доколку условите го дозволат тоа.

Воедно, започнува и испораката на оклопни борбени возила „Страјкер“. Бугарија ќе има корист и од трансфер на технологии што ќе овозможи дел од склопувањето на овие машини да се врши во самата земја.

Министерот Георгиев го информирал американскиот дипломат дека приклучувањето на Бугарија кон Програмата за безвизни патувања на САД останува еден од клучните приоритети за владата во Софија. Тој изразил очекување дека Вашингтон ќе предложи јасен временски распоред за вклучување на земјата во програмата.

Од американската амбасада соопштија дека напредокот на Бугарија во исполнувањето на критериумите се оценува позитивно од страна на властите во Вашингтон.



Слични Објави