| | |

(Видео) Мајор од ОЗНА од кратовското село Филиповци раскажува за времето после 6 април 1941 г.: Германците дојдоа и си заминаа, Бугарите не вршеа убиства и малтретирања, партизаните ги знаевме како шумкари

„Населението кај нас нема претрпено многу страдање после 6 април 1941 година. Германците дојдоа во Македонија, но тие веднаш ги донесоа Бугарите. Германците само дојдоа и си заминаа. Нашата територија ја предадоа на Бугарите. Во мојата општина Кратово имаше само еден Германец, како градоначалник како што се вели сега. Тој беше командант, а се останато им беше препуштено на Бугарите. Бугарите мобилизираа се, дел отидоа во Бугарија а дел во Германија.
Малтретирање и убиства кај нас немало, како што било по другите делови“, ова во документарна емисија за српска телевизија го изјавува Љубо Лазаревски, мајор од ОЗНА од кратовското село Филиповци, роден 1926 година.

Во документарецот Лазаревски, кој е еден од чуварите во затворот, раскажува за стрелањето на српскиот четнички генерал Дража Михајловиќ.

„До 1944 ние сме слушнале за шумкари- партизаните ги викаа Шумкари. Партизаните велеа дека кренале востание, но во мојот крај немаше такво нешто“, вели Лазаревски.
Потоа тој раскажува дека во пролетта 1944 година во неговиот крај се појавиле четниците и вели дека влегол во нивните редови, но нивната организација не му се допаднала, бидејќи како што вели тие биле мрзливи луѓе на кои не им се работело и според неговите кажувања по цел ден лежеле покрај еден поток во близина на неговата куќа и им наредувале на селаните да им носат храна.

Еве што кажува мајорот од ОЗНА за доаѓањето на партизаните:
„Не помина ни еден месец и се појавија партизаните. Кај нас ги викаа шумкари, оти одат по шумата. За прв пат се појавија во Кратово март-април месец. Ја запалија полициската станица, некои од полицајците ги убиле, некои ги заробиле, во селото не се бавеа ни саат-два и си заминаа кон Куманово. После еден месец се појавија по втор пат. Дојдоа во селото и го повикаа нашиот полјак, чуварот на нивите. Имаше и кмет и полјак, тие беа двајцата претставници на власта во селото. Го повикаа него и му наредија да повика 15-20 младинци од селото да се приклучат на партизаните. Партизаните отидоа во друго село Секулица во еден манастир за да ручаат и да чекаат. Нас не повика полјакот и ни нареди да се јавиме во манастирот во Секулица кај партизаните. Јас бев малолетен 17 во 18 години, но имав брат 4 години постар од мене кој служеше во бугарска војска, но тој не беше дома, мене ме најде јас бев со воловите и ми кажа спремај се и ајде во партизани“, раскажува Лазаревски.

Слични Објави