УШТЕ 13 ОСНОВНИ УЧИЛИШТА ДОБИЈА ОДОБРЕНИЕ ЗА НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО

Се работи за пет училишта во Врапчиште, по едно во Дебар, Кичево, Петровец, Прилеп, Чешиново и три во Сопиште

Уште 13 училишта добија одобрение од Владата за организирање настава со физичко присуство. Како што соопштија од владината прес-служба, на вчерашната седница биле разгледани 39 барања од основни училишта за да одржуваат настава со физичко присуство, но од нив само 13 добиле одобрение, додека 25 се одбиени.

Се работи за пет училишта во Врапчиште, по едно во Дебар, Кичево, Петровец, Прилеп, Чешиново и три во Сопиште.

Комисијата даде делумна согласност на едно основно училиште за настава со физичко присуство за практичната настава, со оглед дека станува збор за музичко училиште.

Листата на училиштата што добија одобрение и на оние чии барања се одбиени може да се види на следниот линк.

Според досегашната листа, од вкупно 325 основни и 27 средни училишта, настава со физичко присуство беше одобрена во 223 основни училишта, 13 средни, едно државно училиште за ученици со посебни потреби и едно државно музичко училиште.