Одбележуваме 119 г. од смртта на Јосип Штросмаер- хрватски бискуп и благодетел за издавањето на „Бугарски народни песни“ на браќата Миладиновци
На 8-ми април 1905 г. умира хрватскиот бискуп, добродетел, политичар и писател ЈОСИП ЈУРАЈ ШТРОСМАЕР. Роден е во хрватизирано германско војничко семејство во Осиек 1815 г. Дипломирал теологија во Џаково и докторирал филозофија во Будимпешта. На Виенскиот универзитет се здобил со уште еден докторат по филозофија и бил професор по канонско право. Бил капелан на императорскиот двор на Хабзбуршката династија. Потоа бил назначен од папата за бискуп на Босна и Срем. Од 1860-1873 г. бил водач на Хрватската народна партија. Учествувал во создавањето на Југословенската академија на науките и уметностите во Загреб и повторното воспоставување на Загребскиот универзитет. Се борел за обединување на Католичката и Православната црква. Активно учествува на Првиот ватикански концил и јавно ја доведува во прашање доктрината за безгрешноста на папата.
Помогнал со 70 000 гроша на браќата Миладинови за издавањето на зборникот БУГАРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ во 1861 г. Ја поддржува мисијата на Стефан Веркович и издавањето на книгата НАРОДНЕ ПЕСМЕ МАКЕДОНСКИ БУГАРА. Се застапува за исполнување на Сан Стефанскиот мировен договор од 1878 г. Во 1881 г. во чест на св. Кирил и Методиј отслужува свечена литургија на словенски јазик во римската базилика „Сан Клементе“ и држи проповед.
Починал на 90 годишна возраст во Џаково.
