Македонија Uber Alles
Пишува: Владимир Перев
Ете и тоа се случи. ПретседателКАТА на Република Северна Македонија, во своето инаугуративно обраќање до Парламентот, општествените организации во Македонија и до Дипломатскиот корпус во земјава, преднамерено, онака како што и ветуваше, го испушти зборот “Северна“ од свечената заклетва, потоа го испушти и зборот “Република“, за конечно да се заколне како претседателка на една и единствена Македонија. Конечно, ние македонците како во Република Северна Македонија, така и во Република Грција, Република Албанија, Република Србија и Република Бугарија, добивме свој претседател кој од денес натаму ќе се грижи за нашите права и слободи, за нашите животи и умирања, за нашиот добробит, а најмногу за безизлезица од нашата реална македонска состојба. Тешко нам и на “нашите“ од сите четири страни на границата!
Така, нашата “Македонија“ стана држава над сите-uber alles, нешто налик на Германија пред Втората светска војна, која беше држава на сите германци во светот, а најмногу на оние од Австрија, Судетската област, Рур и другите анектирани делови на европски држави. Да не се залажуваме, чинот на Хитлер за вознесот uber alles на Германија доведе до милионски жртви низ целиот свет, чинот на Силјановска Давкова е само инфантилен израз на сопствената немоќ и немоќта на државата чиј претседател ќе биде во наредните години. Жално…
Инаугуративната беседа на Селјановска Давкова беше своевиден бисер на ораторството, до сега невиден на ови наши пространства. Чиста апологија на феминизмот, во неговата најелементарна форма. Во таа апологија, како прва жртва-и тоа женска жртва- “падна“ грчката амбасадорка во РСМ, Софија Филипиду. Навредена од неспоменувањето на “Република Северна…“, таа прва и единствена замина од Парламентот. Другите дипломати од ЕУ, со скаменети лица, останаа заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир, да го доислушаат часот на претседателката по “визии за ролјата на жената во животот и политиката“. Просто речено, Европа е со нас, поточно со Силјановска Давкова.
Интересна појава се замените на тезите кои ги прават сите политичари на светот, ама нашите, македонските се чисти генијалци. Силјановска Давкова тука е бар-а-бар со мажите. Споменувањето на жените-херои као Сирма Војвода, Вера Јоциќ и Ибе Паликуќа е подла замена на тезата од борба за слобода на еден поробен народ, борба во која секогаш рамноправно учествивале сите, дури и малите деца, до сосема различната борба за женски права. Интересно е зошто не беа споменати Александра Колонтај, Роза Луксембург, Клара Цеткин, Вирџинија Вулф, Ребека Вест, Јулија Крстева и ред други, а говорот личеше на анрхо-феминистичките изјави на Ема Голдман!
Шлагот на тортата беше изјавата дека нејзиниот роденден го поминала со американската амбасадорка во РС Mакедонија Ангела Агелер и дека времето го поминале во “женски муабети“! Македонската, а веројатно и американската јавност живо ќе биде заинтересирана дали во “женските муабети“ си размениле рецепти за торти, како знак за зближување на двата народи, или говореле за опасноста од нуклеарна војна во светот. Да објасни дали агресорот и нацистот Путин бил тема на нивните разговори, ако не бил, и двете да објаснат пред својата јавност, зошто не бил. За разлика од нас, американските мажи и жени војуваат низ светот, па ред би било да се заблагодарат на нивната ролја во заштитата на она што сеуште важи за слободен свет…барем Агелер да проговорила нешто во тие “женски муабети“…или си говореле за Анџела Дејвис!
Во говорот на Силјановска Давкова немаше ниту еден збор за НАТО Алијансата, каде ние членуваме и која е гарант за нашата безбедност. Немаше ниту збор за нашите аспирации кон Европската Унија, ниту за надминување на пречките кои стојат на тој пат. Дали тоа значи дека проблемот со ЕУ не нѐ интересира и не сакаме да се придружиме кон таа силна политичко финансиска и воена асоцијација, или пак, кога се говори за НАТО, бараме начин, во најмала рака, да го замрзнеме нашето членство таму, подготвувајќи се за излез.
Ние македонците веќе одамна знаеме дека само медицината и Небото се над нас. Да не се жалиме, Бог во последниве триесетина години беше разумен и милослив кон нас. Нѐ поштеди од многу искушенија!
Треба да почне да дејствува медицината. Ако нештата останат вакви како што сѐ, Небото нема да може да ни помогне…ќе ја напуштиме историската сцена без војна, ама со многу болести!
Ќе остане само споменот од нејасното и недефинирано uber alles!