ИМ ВЕТИЛЕ ДЕКА ДУИ ЌЕ ПОПУШТИ: СПОРТИСТИТЕ ВРЕМЕНО ГО ОДЛОЖИЈА ШТРАЈКОТ ПРЕД ВЛАДА!

Играчите, тренерите, членовите на стручните штабови и на управите на второлигашките екипи во кошарка и ракомет решија да го пролонгираат најавениот протест пред Владата, закажан за в недела (3 ноември), откако добиле ветување дека нивниот проблем со недобивањето ваучери според Законот за ослободување од данокот за добивка ќе биде решен во следните 5-6 дена.

Оваа информација денеска ја споделија првите луѓе на РК Аеродром, кои заедно со управата на кошаркарскиот второлигаш Ангели беа иницијатори на протестот со кој сакаа да ги искажат своите маки во делот обезбедувања финансии за нормално функционирање на клубовите од пониските рангови.

„Добивме уверување од сите субјекти инволвирани во распределба на ваучерите дека во наредните 5-6 дена ќе биде решен статусот со ваучерите. За да бидат максимално кооперативни, ракометните и кошаркарските клубови од втор ранг донесоа заедничка одлука мирниот протест да не се одржи в недела и да им се остави простор и време на инволвираните страни да ја завршат работата околу распределба на ваучерите. Доколку во предвидениот рок не се заврши целокупната постапка мирниот протест ќе го презакажеме за следниот викенд“, се вели во соопштението од аеродромскиот ракометен второлигаш во име на организацискиот одбор за неделниот протест.

Причина за ваквиот револт кај кошаркарските и ракометните клубови од втор ранг е фактот што беа скокнати при првичната распределба на ваучерите, а потоа не им беше одржано ветувањето дека ќе добијат пари преку измени на Законот за ослободување од данокот за добивка. Тоа требаше да се случи пред повеќе од еден месец, а беше предвидено во спортот да влезат нови четири милиони евра од кои три милиони би завршиле кај тие што веќе добиле ваучер, а еден милион кај тие што беа прескокнати со првата распределба.

Последниот обид за гласање на овие измени имаше минатата недела во Собранието, но, според наши извори, пратениците на ДУИ останале доследни на својот ултиматум односно на барањето на поинаква распределба на овие пари. Тие барале еден милион евра да одат исклучиво за албанските клубови без разлика на спортскиот резултат, што апсолутно не било прифатливо за останатите политички сочинители во државата.

Ветувањата кои кошаркарските и ракометните клубови од втор ранг ги добиле денеска за решавање на проблемо во следните 5-6 дена најверојатно значи и конечно освестување на пратениците од ДУИ односно крај на нивната политика која може да се покаже погубна за македонскиот спорт. Останува да се види дали ќе биде најден заеднички јазик и измените на законот ќе биде усвоен во Собранието во следната недела, или, пак, спортистите уште еднаш ќе бидат излажани и оставени со празни раце.

Ако се случи тоа, тогаш за очекување е второлигашите на протестот на 10 ноември да имаат поддршка и од останатите клубови со цел да се покаже дека развојот на македонсииот спорт во ниту еден случај не смее да зависи од себичната волја на политичарите. Макар тие биле и од ДУИ.

Извор: Спорт1