| |

INSAIT со научно достигнување на светско ниво во сферата на квантните пресметки

Истражувачи од INSAIT – Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии при Универзитетот во Софија, во соработка со ETH Zurich (Швајцарија), развија qblaze – софтвер кој постави нов светски рекорд во симулацијата на квантни пресметки. Ова претставува значаен чекор напред во развојот на квантните технологии, кои се сметаат за иднината на информатиката, јавува БГНЕС.

Симулаторот qblaze го постигна најголемиот успех досега во разложување на број со алгоритмот на Шор, при што успеа да го факторизира бројот 549.755.813.701 (39 бита). Овој резултат претходно беше постигнат само со специјализиран симулатор што користи 2048 графички процесори (GPU), додека qblaze го постигна истиот резултат со само два централни процесори (CPU). Со тоа, системот успеа да изведе екстремно сложена задача користејќи еден сервер, за која претходно беше потребен суперкомпјутер со повеќе од 1000 пати поголема моќ за пресметка.

Иако во последниве години има значителен напредок во областа, најголемиот број разложен на реален квантен компјутер и понатаму е 21. Затоа квантните симулатори, како qblaze, играат клучна улога – тие овозможуваат тестирање и подобрување на квантните алгоритми, со што го забрзуваат доаѓањето на вистинската квантна ера.

Експериментите покажуваат дека qblaze е и до 2000 пати побрз од водечките индустриски симулатори, вклучувајќи ги IBM Qiskit Aer и Microsoft Q#. Високата ефикасност се должи на нови структури на податоци и алгоритми за паралелна обработка на разредени вектори, развиени од тимот истражувачи.

Овој научен пробив ќе биде презентиран на ACM OOPSLA 2025 – една од најпрестижните меѓународни конференции за компјутерски науки, што оваа недела се одржува во Сингапур. Поканата за учество е уште едно признание за INSAIT и за позиционирањето на Бугарија на светската мапа на иновациите во квантните технологии.

Проектот qblaze е целосно отворен и слободно достапен, со интуитивен интерфејс што овозможува истражувачи и инженери од целиот свет веднаш да ја користат неговата брзина во сопствените истражувања. Квантните технологии, според експертите, ќе играат суштинска улога во иднината – од развој на нови лекови и материјали до побезбедна комуникација.

Тимот кој го разви qblaze го сочинуваат: Христо Венев, д-р Димитар Димитров, д-р Тимон Гер, проф. Мартин Вечев и Тиен Удомсрирангруанг (поранешен стажист во летната програма SURF на INSAIT).

Слични Објави