Институтот GATE на Софискиот универзитет прими 32 практиканти во програмата за вештачка интелигенција и големи податоци
Институтот GATE на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ прими 32 практиканти од Бугарија, Јапонија, Гана и Унгарија во четвртото издание на својата летна програма во областа на вештачката интелигенција (ВИ) и големите податоци, соопштија од институтот, пренесува БТА.
За годинашното издание, кое се одржува под мотото NEXT GATE TALENTS, се пријавиле повеќе од 100 млади стручњаци и студенти. Избраните практиканти во текот на три месеци ќе работат на реални научноистражувачки и применети проекти. Најголем интерес има за областите Machine Learning & AI и „Градови на иднината“.
Годинашната програма ги опфаќа сите истражувачки области на институтот – од развивање пресметковни модели и инженерство на големи податоци до анализа на информациската средина и современи технологии за вештачка интелигенција.
„За четири години, практикантската програма на GATE се претвори во место каде што младите луѓе смело и одржливо го започнуваат својот професионален пат во науката и високите технологии. Тоа е јасен знак дека следната генерација истражувачи и иноватори веќе е тука“, изјави директорката на институтот, проф. д-р Силвија Илиева.
За многу од учесниците програмата претставува прв чекор кон долгорочен професионален развој во GATE. Во изминатите години, повеќе практиканти ја продолжиле својата работа како помлади истражувачи во проектите на институтот, претворајќи ја летната практика во почеток на успешна кариера во науката и иновациите, соопштија од институтот.
