| |

„Историјата ја пишуваат победниците“ – иронијата на еден омилен израз

Пишува: Игор Билбиловски

Во македонското општество, постои еден израз кој често пати се користи – речиси со верска увереност – како некаква конечна вистина: „Историјата ја пишуваат победниците.“ Изразот обично се користи за да се укаже дека, тој што победил има можност да ја искриви, препише или фалсификува историјата како што му одговара. Но ретко кој застанува да се запраша – а кои беа победниците кај нас?

Ако тргнеме од логиката на изразот, тогаш јасно е дека по Втората светска војна победници биле комунистите. Во нашиот контекст, тоа биле југословенските комунисти, под водство на Јосип Броз Тито. Тие ја преземале власта, го елиминирале секој облик на политичка и идеолошка алтернатива, ги замолчиле и прогонувале неистомислениците – особено оние што мислеле национално, духовно или демократиски. И тие, како победници, ја пишувале историјата.

Па тогаш, дали таа историја е вистинита? Дали е праведна? Или е селективна, идеолошка, со црно-бело прикажување на „наши“ и „непријатели“? Колку ликови од македонската историја се заборавени, цензурирани или деградирани затоа што не одговарале на новата догма? Колку духовни водачи, интелектуалци, дури и народни херои, биле избришани затоа што не се вклопувале во рамките на комунистичката слика за „братство и единство“ и „нов социјалистички човек“?

Уште поголема иронија е што оние кои денес најчесто го користат изразот „Историјата ја пишуваат победниците“ – го прават тоа за да ја оспорат историјата што доаѓа од надвор, обично од некој сосед, обвинувајќи го соседот за креирање фалсификати. А не забележуваат дека тие самите стојат на историска нарација што е резултат токму на победата на една идеологија која систематски ги препишувала фактите, ги прикривала трагедиите и со тоа креирала митови.

Дополнително, тие исти „историски чувари“ често знаат да изјават дека некои наши соседи „ја одбрале погрешната страна во историјата“, алудирајќи на тоа дека биле на страната на губитниците. Но ако победникот секогаш ја пишува историјата – тогаш зошто ние, „на страната на победниците“, сме толку незадоволни од сопствената историја? Зошто постојано се чувствуваме како жртви, како историски измамени и предадени?

Овој контрадикторен однос кон сопственото минато ни открива една непријатна вистина: дека често не ја сакаме вистина, туку сакаме потврда за сопствените митови. А „историјата на победниците“ не ни пречи – сè додека победникот е „наш“.

Затоа, пред да го извадиме овој израз од арсеналот на патетични аргументи, треба да се запрашаме: ако сме доследни на логиката, дали сме подготвени да ја преиспитаме „историјата на победниците“ која нè воспитува со децении? Дали сме подготвени да ги отвориме заборавените или затворените страници од нашето минато – дури и кога тие не ни се допаѓаат?

Вистинската историја не ја пишуваат победниците, туку ја откриваат храбрите.



Слични Објави