Ивајло В’лчев за РСМ: Две третини од европратениците гласаа за принципите на ЕУ
Европратеникот од групата на Европските конзервативци и реформисти, Ивајло В’лчев, изјави за БНР дека сите сакаат Република Северна Македонија наскоро да стане членка на Европската унија, но дека земјата мора да ги исполни преземените обврски.
„Ако 20 години се обидувате да добиете возачка дозвола и постојано паѓате на испитите, најверојатно не е виновен тој што ги издава дозволите“, рече В’лчев по повод писмото на бугарските европратеници пред гласањето за европскиот извештај за РСМ.
Според него, гласањето во Европскиот парламент покажало дека мнозинството застанало на страната на принципите на ЕУ. „Од 650 европратеници што гласаа, 411 застанаа на нашата позиција“, изјави тој, додавајќи дека не станува збор за „мала националистичка позиција“, туку за заштита на принципите врз кои функционира Унијата.
В’лчев нагласи дека со прифаќањето на таканаречениот „француски предлог“, обврските на Северна Македонија веќе не се само прашање меѓу Скопје и Софија, туку договор меѓу РСМ и Европската унија. Тој оцени дека постои обид договорот да се „фрагментира“ и неговите делови да се оспоруваат поединечно.
Европратеникот го критикуваше известувачот Томас Вајц, тврдејќи дека во првичниот текст на извештајот не биле споменати Бугарите во РСМ, иако Вајц годинава имал средби со претставници на бугарската заедница.
Во врска со ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека договорот бил потпишан од претходна влада, В’лчев оцени дека таквиот аргумент е „апсолутно несериозен“. Тој додаде дека во Европскиот парламент е исклучително ретко сите европратеници од една држава, и покрај различните политички ставови, да застанат зад заедничка позиција, што според него испраќа силна порака.
