На пожар во Скопје
Иво Иванов
Нападите врз бугарската амбасада во Скопје — претходно стакло на официјален влез, сега запалени автомобили, нападот врз доајенот новинар Владимир Перев — почнуваат да потсетуваат на една советска класика на бесмртните Иљја Илф и Евгениј Петров. Во свој расказ сатиричарите опишуваат цело село крај Москва, кое просперирало од инсценирање провокации пред амбасадата на една од прибалтичките републики во советската престолнина. Секој ден некој селанец застанувал пред портите на амбасадата и демнел кога ќе излезе автомобил на дипломатската мисија, за да се фрли пред него. Потоа „жртвата“ симулирала повреди. Се поднесувале тужби против странската држава за обесштетувања и селаните, иако ризично, од секоја рана заработувале добри пари.
Според Илф и Петров, состојбата толку се влошила што малата држава била доведена пред закана од буџетски банкрот, бидејќи едвај успевала да ги покрие растечките трошоци за обесштетувања што ги исплаќала нејзината амбасада во Москва. Но неочекувано, трагичната финансиска разврска била избегната.
Сите во селото му се потсмевале на некој инаетчија, кој одел да работи на поле, наместо со пркос да се фрла под гумите на дипломатските автомобили. На крајот, под притисок на соседите и на својата сопруга, дотичниот будала и самиот се упатил кон странската амбасада во Москва. По еден ден се вратил едвај чекорејќи целиот во завои и гипсови. Сите му завидувале и го прашувале: колку, колку успеа да извлечеш од туѓинците? Низ малкуте преживеани заби несреќникот раскажал дека едвај останал жив и дека веројатно наскоро ќе го уапсат на долго време. Се покажало дека симулантот-провокатор навистина се фрлил пред автомобил што излегувал од дворот на дипломатската мисија. Но не го видел неговиот број и наместо под автомобилот на странците, паднал пред автомобил на советска делегација. Од автомобилот излегле здрави момци од ЧК (внатрешни работи) и добро го истепале селанецот. Му ја зеле адресата и му ветиле дека наскоро ќе го посетат и во селото… Од страв човекот се разболел и починал уште пред да го прибере милицијата.
Толку за советската класика. Прашањето е кога, според скопската класика, некој од провокаторите навистина ќе ја премине границата и органите во Република Северна Македонија ќе влезат во функција. Бидејќи играта загрубува и почнаа да се палат пожари, можеби ќе биде подобро пред амбасадата на улицата „Златко Шнајдер“ воопшто да не дежура полиција, туку на стража да застане пожарната. Пожарникарите да го развијат цревото и да бидат подготвени да полеваат за да ги ладат страстите во Скопје…
Истото важи и за бугарските пишман патриоти. Слушам дека, за да си припишат поени, ќе оделе „да се фрлаат пред гумите“ на автомобилите од Северна Македонија што ја минуваат границата со Бугарија. Таа граница и онака е најпуста, како што неодамна ја опиша пред БНТ новинарот и сопственик на БГНЕС, Љубчо Нешков.
Абе луѓе, ако навистина сакате да гледате и да учите како се паѓа и симулира за пенал, гледајте го Светското првенство во Америките. Таму барем играат професионалци, и тоа најдобрите. А ако уште ви е жешко, а пожарната ви е далеку, отворете си едно пиво. Како што гласеше една стара реклама — „Скопје гори, Скопско го гаси“, се разбира, ако во Скопје има останато барем еден пожарникар!

