| |

Иванов не го менува ставот за Законот за јазици

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов останува на ставот за Законот за употреба на јазиците и за потпишувањето на указот за негово прогласување, јавуваат од кабинетот на шефот на државата.

Иванов по повторното изгласување на законот на 14 март во обраќање до јавноста кажа дека нема да стави потпис за прогласување на повторно изгласаниот закон, бидејќи тоа не му го дозволуваат совеста и Уставот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа повторно го повика Иванов да го потпише законот. Џафери смета дека претседателот на државата има уставна одговорност да го потпише законот, кој со мнозинство е донесен од пратениците во второ читање. На прашањето дали ќе се побара импичмент за претседателот доколку постапува спротивно на Уставот, одговори дека во сегашните околности тоа не може да се спроведе бидејќи го нема двотретинското мнозинство  во Собранието потребно за таа процедура.

Според Уставот на РМ, претседателот на државата е должен да го потпише указот за прогласување на закон ако биде повторно изгласан во Собранието на РМ. Претседателот може да одлучи да не го потпише указот, но само по првото негово изгласување во Парлементот. Членот 75 од Уставот вели дека по првото враќање на законот во Собранието, пратениците повторно го разгледуваат и доколку го усвојат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на државата е должен да го потпише указот.

Собранието на 14 март во тензична атмосфера со 64 гласа „за“, без против и воздржани по втор пат го донесе Законот за употреба на јазиците, без амандманска расправа. За Законот гласаа и 24 пратеници од немнозинските заедници.

 



Слични Објави