|

Ивановска: Ковачевски треба да покаже кој го платил патувањето на неговите деца во Вашингтон

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, рече дека премиерот Димитар Ковачевски треба да покаже кој го платил патувањето на неговите деца во Вашингтон.

„Значи треба да покаже кој го платил патувањето бидејќи вака остава лош впечаток, лоша перцепција се создава дека ако е таткото некој функционер може цела фамилија да оди. Не е единствен случај, за жал таа перцпеција треба да се промени, но тоа ќе се промени со фактичка состојба. Нека оди, нека патува, но нека покаже кој тоа го покрива“, рече Ивановска во одговор на новинарски прашања.

На колегиум ќе биде донесена одлука дали ќе биде отворен предмет за овој случај.

Одлука за тоа дали ќе отворат предмет за овој случај, како што рече, ќе донесат денеска на колегиум и ќе известат.

Ковачевски минатата недела беше прашан дали на неговото патување во САД го понел и синот и дали тоа било на сметка на државата, пришто одговори дека таквите патувања никогаш не биле на сметка на буџетот на државата.

Моето патување во САД, рече премиерот, беше исклучително важно и успешно. На патувањата, како што додаде, понекогаш е придружуван од својата сопруга доколку тоа го налага протоколот. И ниедно приватно патување на членови на неговото семејство, како што појасни, никогаш не било на сметка на државниот буџет.

На прашањето дали ќе ги покаже сметките за тоа како е платено нивното патување, Ковачевски додаде:

„Моите деца патуваат исто како и другите деца. И доколку е потребно, јас за секое нивно патување или кога посетуваат роднини или, на пример, мојот син, игра фудбал и често оди во странство, доколку треба да ѝ доставам на јавноста сметки, тоа ќе го правам, но сметам дека е непотребно, со оглед дека како и сите други граѓани во државата секој има право да патува“, истакна премиерот.

Слични Објави