Ивановскиот карпест манастир – духовно патување низ времето на Второто бугарско царство
Високо во кањонот на реката Русенски Лом се крие еден од највпечатливите духовни центри на Бугарија. Станува збор за комплекс од десетици издлабени карпести ќелии, параклиси и цркви од двете страни на реката, кои настанале уште во XIII век како дел од Ивановскиот карпест манастир „Св. Архангел Михаил“, јавува Радио Бугарија.
Најимпозантната црква во овој регион е „Света Богородица“, вклучена во листата на светското културно наследство на УНЕСКО, благодарение на своите зачувани фрески од XIV век. Она што денешните туристи го гледаат е, сепак, само мал дел од некогашната голема обител. Поголемиот број цркви се наоѓаат во месноста „Писмата“, на десната страна од реката.
Регионалниот историски музеј во Русе организира специјални тури со водичи-експерти, кои ги водат љубопитните туристи во срцето на духовната историја од времето на Второто бугарско царство (1185 – 1396). Евгени Георгиев, кустос во музејот и водач на овие прошетки, вели:
„Ова повеќе личи на туристички поход – се оди низ долината на Русенски Лом и се посетуваат самите манастирски комплекси. Се движиме по патеки, на пострмни места, се качуваме по дрвени скали. Затоа потребна е соодветна облека, вода, капа… групите е пожелно да не надминуваат 15 луѓе. Прошетката трае околу 3 – 4 часа.“
Патеката води низ карпести формации полни со цркви и параклиси, а самото искачување бара добра физичка подготовка. Георгиев ги запознава посетителите со осумте главни комплекси, избрани поради своите фрески кои ја раскажуваат приказната за подемот на Ивановскиот манастир меѓу XIII и XIV век.
Првата обител која се разгледува е комплексот кај „Затрупаната црква“, каде што манастирот бил основан од свети Јоаким I, првиот търновски патријарх (1235 – 1246), со дар од цар Иван Асен II. Во една од црквите таму се наоѓа и ктиторска композиција со ликот на царот, кој му подарува модел на храм на свети Архангел Михаил.
Маршрутата продолжува кон црквата „Крштелна“ и месноста „Господов дол“, наречена според ликот на Христос кој го „чува“ долот. На патот се среќаваат и уникатните карпести формации „Вошкини“, што потсетуваат на пчелни пити и сведочат за симбиозата меѓу човекот и природата.
Кулминацијата на турата е источниот параклис посветен на св. св. Теодор Тирон и Теодор Стратилат, со фрески од XIV век. Таму има уште едно ктиторско претставување – на света Теофана, која поднесува модел на трикатна зграда на своите небесни заштитници.
За Евгени Георгиев, вистинската вредност на ова патување не е само во уметничките ремек-дела:
„Највпечатливо е пренесување во времепловот на една одамна помината епоха. Ние ги гледаме манастирите такви какви што биле во XIII – XIV век, на самото место, а не во музеј. За разлика од ѕиданите цркви, каде што најчесто се зачувани само темели, овде имаме целосен ентериер и зачувани фрески – вистинско патување низ времето.“
