Величков за Труд News: Политичарите во Скопје го дадоа тонот за говорот на омраза против Бугарија
Интервју на Костадин Филипов/Труд
За „леснотијата“ да се биде новинар во Северна Македонија, кој ги брани Бугарија и тамошните Бугари. За медиумскиот амбиент во Скопје, каде што се избројуваат на прсти оние кои се обидуваат да водат независна уредувачка политика. За јазикот на омразата и нејзините манифестации, за грешките на бугарската држава кон Македонија. За вклучувањето на Бугарите во уставот и неговите придобивки. За овие прашања разговараме со новинарот Атанас Величков.
Господине Величков, дали е лесно да се биде новинар кој ги брани Бугарите во Северна Македонија? Како влеговте во професијата и како избравте да работите во Северна Македонија?
Ќе го започнам мојот одговор од назад кон напред. Не избрав да работам во Северна Македонија, животот ми протече така, што пред 20 години од селото Крупник, благоевградско, отидов да го завршам моето високо образование во Скопје. Уште како студент почнав да работам во локалната телевизија „Сонце“, се оженив со една прекрасна девојка од градот на Талев, Данаил Крапчев и нашиот заеднички пријател Владимир Перев. И така до ден денес работам како новинар 16 години. Што се однесува до тоа дали е лесно да се биде новинар во Република Северна Македонија (РСМ) кој ги брани Бугарите овде, морам да кажам дека Бугарите овде се горди и храбри луѓе и тешко дека им треба мојата заштита. Моја задача е медиумот што го раководам да биде место каде што сите кои се заинтересирани ќе можат да прочитаат материјали за Бугарија, како и за историјата на Бугарите овде. Секако, „Трибуна“ е тука за да можат и тие да го кажат сопственото мислење за одредена тема, без да се грижат, дека некој ќе ги цензурира за ставовите што ги искажуваат.
Како новинар, како би го карактеризирале медиумското опкружување во Северна Македонија?
Медиумскиот пазар во Северна Македонија е многу мал. Очигледна е поделбата на медиумите на провладини и проопозициски. На прстите од една рака можете да ги изброите медиумите кои се обидуваат да водат независна уредувачка политика. Ова, така да се каже, е луксуз кој чини многу маки, многу пропуштени можности и многу непроспиени ноќи. Големите медиуми многу тешко, или речиси никогаш не ги менуваат своите сопственици. Зависноста од државата и од тонот на политичката елита, го одредува и нивото на вистинска слобода на медиумите.
Разкажете за историјата на „Трибуна. мк“, како се финансирате, имате ли соработници, како опстојувате во овој непријателски медиумски амбиент во земјава?
„Трибуна“ се појави во светот пред 5 и пол години. Идејата за самиот медиум е моја и на еден од моите најблиски луѓе – Петар Колев. Името на сајтот го даде Георги Трендафилов. Многу луѓе ни помогнаа низ годините. Веќе 2 години работиме по проекти на Министерството за надворешни работи на Бугарија, а за тоа да се случи главната заслуга го има тимот на бугарската амбасада овде на чело со амбасадорот Ангел Ангелов и неговиот заменик Петар Петров.
Вие сте веројатно единствениот медиум со таков став? Зошто не би можеле да се развијат други вакви медиумски проекти, ако воопшто ги имало? Се мешаат ли политичарите, интервенираат ли тајните служби или сето тоа доаѓа од несмасноста на бугарските претприемачи и новинари?
„Трибуна“ е тоа што е благодарение на тимот што го раководам. Кога започна нашето патување, веќе имаше пробугарски медиум во Северна Македонија. Денес, колку што знам, има уште неколку такви медиуми. За несмасноста на бугарските претприемачи, можам да кажам само дека на многумина од нив не би им претставувало потешкотија да го следат примерот на еден д-р Милен Врабевски. Но, кој сум јас да им давам тон. Тој што сака да помогне го прави тоа, а оние што ќе посакаат да помагаат во иднина се добредојдени. Мора да бидеме самокритични за немањето сериозно бугарски медиумско присуство во Северна Македонија, ние самите сме виновни. Инвестирањето во медиумите за заштита на бугарските интереси овде од страна на бугарскиот бизнис не е приоритет, тоа е вистината. Не верувам дека таква иницијатива има потреба од дозвола од митологизираните тајни служби, од овдешните политичари или од некој друг. Се работи за желба и приоритети.
Чисто колегијално, но многу важно прашање – кога беше вашето последно учество во емисија на една од главните телевизиски станици во земјава? Знаејќи колку им е тешко да поканат луѓе со бугарска самосвест, па дури и да ги поканат, се обидуваат на некој начин да ги понижат…
Не се сеќавам точно кога учтиво ја одбив последната покана што ја добив да учествувам во политичко ток-шоу на една од локалните ТВ станици. Го направив тоа затоа што не сакам да влезам во пропагандната машина и некој преку мене да ги нападне Бугарија и Бугарите овде, за да собере поени за сопствениот развој во кариерата. И ние и нашите колеги овде, барем оние кои активно се занимаваат со темата Бугарија, ја знаеме вистината. Секој работи според зададените задачи. Ако „Трибуна“ објавува материјали кои не се во интерес на македонизмот, останатите локални медиуми објавуваат материјали, кои имаат за цел да го одбранат македонизмот. Едноставно е!
Едно од барањата од бугарска страна до властите во Скопје е прекин или барем ограничување на говорот на омразата. На што се должи неговата сеприсутна употреба во медиумите, дали политичарите го одредуваат тонот или самите новинари на овој начин ја перципираат заштитата на идентитетот? Како можеме да се ослободиме од него?
Политичарите се тие што го даваат тонот, но заедно со нив се и одреден круг на научници, публицисти и наши колеги новинари. За да те препознаат како голем македонски патриот, мора да зборуваш и пишуваш против Бугарија. Секој што ќе излезе од оваа матрица ризикува да наиде на незадоволството на одредени кругови. Бугарската јавност треба да знае дека говорот на омраза кон Бугарија и Бугарите овде има повеќе од едно лице. Некои медиуми се доста екстремни во своите позиции, а други се далеку посмирени во исказот, но целта е иста. Во зависност од ставот на одреден медиум, Бугарите и Бугарија се навредуваат на различни начини. Во моментов медиумите кои се во блиски односи со власта користат политички коректен јазик во својата антибугарска пропаганда, додека во медиумите блиски до партијата која себеси се нарекува ВМРО-ДПМНЕ говорот на омраза кон Бугарите и Бугарија е правило на однесување. Мислам дека јазикот на омразата кон Бугарија ќе се намали кога ќе се решат сите отворени прашања меѓу двете земји. Тогаш, кога зборувањето против сѐ што е бугарско нема да носи политички поени. Дали тоа воопшто ќе се случи, не знам.
Гледано од Скопје, кои се грешките на бугарската држава, да има поголемо медиумско, културно, па и спортско присуство крај Вардарот?
Според зборовите на старите „комити“ овде, кои и покрај се останале тоа што се, а имено македонски Бугари, бугарската држава многу доцна сфати дека има проблем со македонизмот како идеологија. Бугарија од долги години не била присутна тука! Промените се случија пред неколку години, зборувам на чисто политичко ниво. Но, тоа не е доволно, ќе објаснам зошто. Јас сум убеден дека прашањето за Македонија не треба да се остави само на одредени партии во Бугарија. Сите партии треба да работат поактивно, а не само декларативно, за да не се заборават Бугарите, не само овде, туку и каде и да се во светот. Ова не е прашање на политичка манипулација, туку прашање од национален интерес. Софија е единствениот столб за Бугарите во Македонија, Србија, Албанија, Молдавија, Украина, САД. Ако Софија нема единствен став во однос на нивните проблеми, тоа треба да се смета за грешка на бугарската држава. Ќе го кажам вака: „Трибина“ како бугарски медиум во РСМ не може да си дозволи да се меша во внатрешно-политичките борби во Бугарија, но и Бугарија не смее да си дозволи да ја користи македонската тема во тие борби.
Активен учесник сте во иницијативата „Коридор бр. 8“ заедно со Георги Станков од Хасково. Раскажете повеќе за неа.
Идејата за подкастот „Коридор бр. 8“ е на Георги Станков. Пред повеќе од две години, тој ме контактираше, ми ја кажа својата идеја и така почнавме. Без тим, без сценарио, без подготовка. Нашата идеја е едноставно да бидеме местото каде што луѓето од двете страни на границата ќе можат виртуелно а и во живо да се среќаваат и да разговараат нормално и пријателски. Подкастот сега има своја веб-страница www.koridor8.eu. Нашиот подкаст е некомерцијален и се финансира од донациите на гледачите. Одиме во живо секоја недела во 20:00 часот по бугарско време. Ги поканувам сите читатели на весникот да го погледнат подкастот и секако, доколку им се допаѓа тоа што го правиме со Георги, да се претплатат на нашиот канал во YouTube.
Почна процедурата за уставни измени за вклучување на Бугарите во Северна Македонија. Од што толку се плашат локалните политичари или барем некои од нив?
Влегувањето на Бугарите во Уставот е првиот чекор кон крајот на македонизмот како геостратешки проект со изразена антибугарска основа. Тоа е она што ги плаши локалните политичари. Бугарите не постоеле на територијата на денешна РСМ од 1919 година, со исклучок на периодот април 1941 – септември 1944 година. Официјално тие биле само статистичка бројка. Иронично, ни кажуваат дека сме статистичка грешка. Сто години по завршувањето на Првата светска војна и 78 години по крајот на Втората, Бугарите како најзаслужни за независноста на РСМ се враќаат таму каде што им е местото, во најважниот државен акт – Уставот, како Бугари, родени на територијата на државата. Ова е најголемиот удар врз македонизмот, чија основа е пред се констатацијата дека Бугари во земјата се само снаите, зетовците и граѓаните на Бугарија, кои тука основале семејства или живеат само привремено. Македонизмот ќе мора да се раздели со својот антибугарски карактер и да стане нешто друго што е во склад со новото време. Ова сериозно ја плаши политичката класа овде, која, да бидам искрен, многу напорно работеше на наметнувањето омраза кон Бугарија и Бугарите, особено кон оние кои се родени на територијата на РСМ. По влегувањето во уставот, Бугарите овде ќе можат да станат дел од администрацијата, војската, полицијата, правосудните органи. Македонските Бугари повеќе не сакаат да бидат маченици, туку директни учесници во изградбата на нивната држава, Република Северна Македонија. Тие го заслужиле тоа место и ќе го добијат. Јас сум оптимист. Да видиме како после внесувањето на Бугарите во Уставот тие што ги нарекуваат фашисти ќе продолжат да го прават тоа непречено. Накратко, Бугарите официјално се враќаат таму каде што отсекогаш биле – во темелите на македонската држава, која иако е изградена на комунистички принципи, ќе мора да се демократизира и да стане вистински дом за сите нејзини граѓани.
Се сеќавате ли на случајот со Спаска Митрова од 2009 година? Кои се сличностите или разликите меѓу него и случајот со Христијан Пендиков?
Добро се сеќавам на случајот со Спаска Митрова. За жал, една семејна драма се претвори во политичко прашање поради неефикасноста, корупцијата и непотизмот во судскиот систем овде. Се сеќавам дека сопругот на Спаска во еден момент беше речиси херојизиран на социјалните мрежи, поради неговата „борба“ со „лошата Бугарка“. Трагедијата во случајот со Спаска, нејзините патила, болеста што ја уби, може да се спореди не само со случајот „Пендиков“, туку и со други такви примери. Сакам да ги споменам покојниот Владо Панков од Охрид и Јован Стојановски од Скопје. И тие, како и Спаска, полека беа ликвидирани од системот овде. Тие ги изградиja темелите на првата бугарска организација и тоа не им беше простено. Нивните имиња треба да стојат до имињата на Тодор Манасиев, до името на Панде Ефтимов. Станува збор за херои, луѓе кои и покрај скршените животи, останаа верни на своите идеали. Да ги паметиме и да им оддадеме почит, затоа што тие си го заслужија своето место во историјата на македонските Бугари. Што се однесува до оние во Софија кои зборуваат небулози дека пред т. н. вето немало проблеми со Бугарите овде и поради истото вето сега сме на најниско ниво во односите меѓу двете земји, ќе кажам дека Спаска, Јове и Владо Панков биле подложени на репресија многу пред Договорот за пријателство и добрососедство. Ова се фактите! Случајот Пендиков има карактер на показна акција против сите млади луѓе кои сакаат да го следат неговиот пример. Мило ми е што сега е здрав и се надевам дека ќе биде добар пример за еден млад и успешен македонски Бугарин. Ќе студира во Бугарија и не му посакувам ништо друго освен успех. Треба да се знае дека, ова момче освен што беше жртва на своите физички агресори, стана жртва и на еден круг луѓе во Софија и во РСМ. Бугари и „пријатели на Бугарија“ од РСМ се обидоа да го дискредитираат и речиси да покажат дека заслужувал да добие ќотек. Во истото време наши колеги од македонските медиуми кои инаку се претставуваат како големи либерали се шегуваа со реакцијата на бугарската држава во однос на овој случај. Нивните написи беа толку гнасни што не сакам ни да ги цитирам. Пендиков дури беше обвинет дека е обичен криминалец кој бил жртва на криминално расчистување на сметки. Но, тоа е минато.
Господине Величков, зошто Бугарите во вашата земја не се обединети, каде е коренот на поделеноста?
Бугарите овде и поделбите меѓу нив во никој случај не се разликуваат од поделбите меѓу Бугарите во Бугарија. Со таа разлика што тука нема русофили. Македонските Бугари отсекогаш биле антируски и антисоветски ориентирани. Нашите поделби се по неколку други линии. Најрелевантна, секако, е поделбата за „ветото“ и за нашето вклучување во уставот на РСМ. Друг знак на поделеност е кој кога се осознал како Бугарин. Некои што отсекогаш биле Бугари гледаат со недоверба и некаква ароганција кон оние што избегале од пипалата на македонизмот. Ова го велам затоа што и јас бев жртва на оваа пропаганда. Дојдов во Скопје, како Македонец, син на член на ОМО „Илинден“, пишував материјали за македонистичкиот весник „Народна волја“, работев во антибугарска телевизија, но со текот на времето сфатив дека сето тоа е една голема лага. Луѓето имаат право да ја разберат и прифатат вистината ако сакаат, се разбира! Ова не е лесен процес. Ако не им веруваме на луѓето кои сега ја разбираат вистината за нивното етничко потекло, до каде ќе стигнеме? Отсекогаш имало поделби. Сите ние имаме многу работа и се надевам дека причините за поделбите ќе ги оставиме зад нас. Борбата е една, а Балканот е голем. Има простор за сите „комити“. Мора да работиме, мора да бидеме цврсти, но не смееме да заборавиме да бидеме луѓе. Ова е најважното нешто според мене!
Атанас Величков е роден на 1 декември 1985 година во Благоевград. Дипломирал на СОУ „Св. Кирил и Методиј“ во родното село Крупник во 2004 година. Во 2010 година дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, насока „Новинарство“. Од 2007 година професионално се занимава со новинарство. Од јануари 2018 година е главен и одговорен уредник на порталот www.tribuna.mk. Оженет е со прилепчанката Елизабета Најдоска-Величкова.

