Околу 4000 илјади Британци имаат имоти во Банско
„За Банско туристичкиот пазар во Велика Британија е особено важен. По пандемијата тој закрепнува и бројот на туристи во 2023 година беше речиси 20 илјади луѓе. Покрај тоа, имотите во сопственост на британски државјани во Банско се околу 4.000 , што го прави нивниот удел во сместувањето значаен“. Ова го порача градоначалникот на Банско, Стојчо Баненски, на традиционалната средба на општинското раководство со претставници на Британската амбасада во Софија, институциите и компаниите сврзани со организацијата и безбедноста на престојот на туристите од Велика Британија, јавува бугарскиот дневен весник 24 часа.
Градоначалникот ја потенцира политиката на општинското раководство драстично да го ограничи сивиот сектор во понудата на сите видови туристички услуги, бидејќи со тоа се оштетува општинскиот буџет и сите што работат коректно во индустријата.
Заменик-амбасадорката Лиз Чепмен изрази благодарност за корисната соработка и добрата организација во Банско, поради што инцидентите и проблемите со жителите на Обединетото Кралство се минимизирани.
На дискусијата присуствуваа Лиз Чепмен – заменик амбасадор, Ралица Дудекова – вицеконзул, Џејмс Хјуз – почесен конзул на Велика Британија во Банско, маркетинг директорот на „Јулен“ АД Иван Обрејков, д-р Божикова – директор на МБАЛ-Разлог, началникот на полицијата Банско – главен инспектор Кирил Стојанов, претставници на тур-операторите Балкан Холидејс и Кристал. Домаќини на средбата беа градоначалникот на општина Банско Стојчо Баненски, Сашка В’чкова – заменик градоначалник и секретарот Иван Докторов.
Целта на средбата беше преземање превентивни мерки за спречување на несреќи за време на летувањето на туристите од Велика Британија во Банско, како и координација на дејствија во проблематични ситуации.
Врз основа на податоците и препораките добиени за време на разговорот, дипломатската служба во Софија ќе ги ажурира информациите што патниците во Бугарија ги добиваат за промените во Законот за патен сообраќај и Кривичниот законик, медицинските услуги, осигурувањето и навремената резервација на туристички услуги во пикот на сезоната.
