Избледените светлини на ВМРО: Искри во пепелта (1)
Пишува: Владимир Перев
На 23-ти овој месец се навршуваат 130 години од формирањето на БМОРК/ТМОРО/ВМОРО во Солун, а имињата на петмината достојни мажи и револуционери, засекогаш ќе останат во нашата лична и колективна меморија. Тие високо го подигаат факелот на слободата, жедта за недостижното и достоинството на себежртвувањето. Но и пред нив, пламенот на непокорот ги голтал синовите на Македонија, за до денешни дни ни остане илузијата за освојување на непостижното-слободата!
Искри во пепелта
Дедо Иљо Марков Малешевски е најпознатиот ајдутин кој својот непокор го ставил во служба на Организацијата и на бугарската држава, во непрекинатата борба за слободата на Македонија. Има и други како него.
Диме Шикев од Прилеп во 1876 година станува ајдук и со другари од прилепските села Степанци, Небрегово и Присад, ја ограбува поштенската пратка, убива 5-6 турски заптии, зема околу 6.000 лири и парите ги дели со селаните од селата на неговите другари. Името му е потонато некаде во заборавот на историјата, не знаеме ни кога е роден, ниту кога и каде починал. Веројатно умира како бегалец во Србија.
Бунтовникот Спиро Црне е легенда на Прилепскиот крај. Тој успева да ја собере растурената чета на Диме Шике и да го организира убиството на турскиот насилник и злосторник во прилепскиот крај, Ќучук Сулејман во 1880 година. Потоа следат ликвидациите на ред турски злосторници и нивните поткажувачи низ прилепскo, па така, за еден релативно мирен период, прилепчани можат да одморат од честите турски безаконија. Спиро Црне е убиен во 1881 година во манастирот “С. Отец“ во кумановско, по предавство на игуменот, а телото му е однесено во Куманово за заплашување на народот. Наместо тоа, народот го опеал во песна.
Димитар Чакрев (Диме Чакре) од Прилеп е првиот кој на ајдутството сака да му даде организиран вид. Со својата чета учествува во Руско-турската воја (1877-78) за ослободувањето на Бугарија, каде е и награден со Орден за храброст. Се населува во Ќустендил. Подоцна се вклучува во Кресенско-Разлошкото востание, но по разгромот на востанието, се враќа во Македонија. Интелигентен и смел, го организира Демирхисарскиот заговор, а за таа цел соработува со Пере Тошев и со Диме, таткото на Анастас Лозанчев, еден од подоцнежните раководители на Илинденското востание. Трагедијата се случува на Великден 1881 година, кога четата на Диме Чакре се најдува опсадена во куќата на Дамјан Кондов во Прилеп. Чакре и четниците одбиваат да се предадат, куќата е голема, четата е одлично вооружена и се води престрелка со турскиот аскер. Конечно, по четиридневни борби (!!!), аскерот ја пали куќата а Диме Чакре и неговата чета ги губат животите во огнените пламени. Споменот за нивниот непокор и до денешен ден живее меѓу населението на градот. Еве како Констаните Кондов, синот на Дамјан Кондов го опишува нивниот крај: Къщата на Дамян Ив. Кондов бива блокирана от аскер и на четниците е предложено да се здадат. В отговор последните откриват огън и се започва четиридневна неравна борба. Къщата е запалена от властта и героите четници намериха своята славна смърт в стихийните пламъци и от куршумите на аскера, но не се предадоха. Населението възведе починалите юнаци в светци и създаде легенда, че всяка нощ от небесата се спуща ярко светящо кандило над техните гробове.
Бунтовен е и непокорен познатиот низ прилепско, војводата Георги Лажот, или како што прилепчани го нарекувале, Ѓоргија Лажо, роден во село Царевик. Без оглед на тоа што ироничните-мајтапчии прилепчани сакале да кажат за него и за неговото име, тој учествува во четите на Спиро Црне и Диме Чакре. Во 1882 година организира малубројна чета со која дејствува низ прилепско, како единствен заштитник на населението во тоа време. Во 1884 година, пролета, четата му е разгромена во борбата кај село Вепрчани каде и тој херојски го губи животот.
Организација и политички размисли
Во Прилеп, 1898 година, во куќата на Белазелковци, турската полиција ги обградува револуционерите Јордан Гавазов од Прилеп и Христо Чемков од Штип. По жестока борба, за да не паднат живи, и двајцата се самоубиваат. Но, ова е веќе друг вид на борба, ова е борба организирана од ВМОРО и двајцата херои се членови на организацијата и нејзини пројавени терористи.
Натопената со крв и страдања македонска земја бара одмазда, бара правда. За да има одмазда, треба да се има идеја, а за да има правда, треба да има организација. Неправедниот за македонските бугари Берлински конгрес и останувањето на Македонија и Одринско под власта на Султанот, ги отвораат процесите за политичко-револуционерно организирање. На почетокот се организираат тајни комитети под името “Единство“ но напорите се неуспешни. Нешто подоцна се организира “Бугарски таен централен револуционерен комитет“ со намера да работи на ослободувањето на Македонија, ама неговата дејност се завршува во 1885 година со актот на “Присоединението на Источна Румелија“ и неговата дејност престанува. Во Пловдив, во 1889-90 е направена организација под раководството на Пере Тошев и Андреј Љапчев, но и нивата дејност е неплодотворна. Речи си истовремено, во Солунската бугарска машка гимназија дејствува Таен револуционерен кружок, раководен од Гоце Делчев, а во 1891 година, Даме Груев и Петар Поп Арсов во Софискиот универзитет формираат младинско друштво наречено “Дружба“.
Конечно, на 23 октомври 1893 година во Солун, шестмина бугарски интелектуалци основаат револуционен комитет: д-р Христо Татарчев, Дамјан Груев, Иван Хаџиниколов, Петар Попарсов, Христо Батанџиев и Андон Димитров. Првичната идеја била да се формира некаков недефиниран комитет за “придобивање граѓански права по Берлинскиот договор“, ама идејата била брзо напуштена. Членовите ја прочитале книгата на бугарскиот револуционер Захари Стојанов, “Записки по бугарските востанија“ и решаваат да го применат веќе дадениот образец.
Консолидирањето на Организацијата станува некаде во времето на Ресенскиот конгрес 1894 година. Почнуваат да се издаваат пропагандни листови како “На оружје“ и “Бунтовник“, а паралелно се дејствува по гимназиите и училиштата. Се придобиваат нови членови, но сепак внимателно и во ограничен број.
Во прво време никој не помислил дека треба и Одринско да биде вклучено во организацијата, но некаде 1895-96 година Дамјан Груев решително дејствува во таа насока и се формира Лозенградскиот комитет. Така и се “озаконува“ единството на бугарското племе, единство во борбата за слобода на бугарскиот народ од Македонија и Одринско.
Солунскиот конгрес во 1896 година ја утврдува територијалната надлежност на ВМОРО и ги именува организационите единки-окрузи: Солунски, Битолски, Скопски, Одрински, Струмички, Штипски и Серски. Тоа е огромна територија која се простира од Црното море до Охридското езеро и од Дунав до Белото море. Формиран е и посебен револуционерен округ-Цариградски, а за негов раководител е избрана енигматичната за нас личност-Димитар Љапов-Гурин од Бобишта, костурско, како самостоен раковдител на округот. Подоцна и Цариградскиот округ со бугарите во него преминува во редовна надлежност на ЦК на ВМОРО, но Гурин останува доверлива личност на организацијата, специјално заради неговите огромни врски со ерменското револуционерно-ослободително анархистичко движење.
Организацијата ги уредува на централистички начин надлежностите и одговорностите, од највисокото до најниското ниво, а финансирањето е решено како доброволно собирање средства, насилно собирање, грабнување на богати турци /странци, па и наши и барање откуп (аферата Мис Стоун), но и со средстав добиени од бугарската држава. Во методологијата на собирање средства се појавуваат одредени пукнатини и недоследности. Секое грабнување и барање откуп е проследено со жестоки репресалии од турската власт, а и не секогаш се добивале бараните средства. Посебна приказна се средствата добивани од бугарската држава…тие се вечно недоволни и балансирано распоредувани на пооделни групи, за Бугарија да ја има контролата врз револуционерните движења вон границите на Књажеството. Сепак, само меѓу октомври 1904 и 13 јануари 1905 година, Времениот комитет на Борис Сарафов, Васил Чекаларов, Владислав Ковачев и Апостол Грежов добиваат фантастични за тоа време, 90 илјади лева од бугарската влада за помош на “бежанците“ од Македонија и за испраќање чети назад во Македонија. Но тоа е податок од времето на Илинденската трагедија, а и тие средства се малку за нова, организирана борба.
Како се менува меѓународната ситуација и внатрешната политика на Бугарија, така се менува и концепцијата за политичкото дејствување на ВМОРО. На почетокот, за политичките размисли на Организацијата, концизни мисли имат двајца револуционери-председателот д-р Христо Татарчев и членот од Одринско-од Лозенград, Димитар Груев.
Еве што пишува Татарчев:
…Разисква се на дълго върху цельта на тая организация и по-сетне се спрѣхме върху автономията на Македония съ предимство на българския елементъ. Не можехме да възприемемъ гледището „прямо присъединение на Македония съ България“, защото виждахме, че туй ще срещне голѣми мѫчнотии поради противодействието на великитѣ сили и аспирациитѣ на съседнитѣ малки държави и на Турция. Минаваше ни презъ ума, че една автономна Македония сетне би могла по-лесно да се съедини съ България, а въ краенъ случай, ако това не се постигне, че ще може да послужи за обединително звено на една федерация на балканскитѣ народи.
Размислите на Груев:
Ние, българите от Македония и Одринско, не трябва да изпущаме изпредвид, че има и други народности и държави, които са много заинтересовани от разрешението на този въпрос. Една намеса на България ще предизвика намесата и на съседните държави и може да доведе до разпокъсването на Македония. Ето защо народите, населяващи тия две области, трябва сами с общи усилия и жертви да извоюват своята свобода и независимост в границите на една автономна Македоно-одринска държава, като разчитаме само на материалната и морална подкрепа на България и на Великите сили.
Интересни, но и единствени се нивните размисли. Татарчев говори за “една автонмна Македонија, која по касно би можела полесно да се присоедини кон Бугарија“, додека пак Груев говори за “автономна Македоно-Одринска држава“, со материјална и морална поткрепа на Бугарија и Великите сили. Во овие моменти нема никаков национален или политички сепаратизам, сите се бугари, сите бараат некаква автономија, сите мечтаат за присоединување кон Бугарија и сите ја очекуваат бугарската помош како нешто нормално.
Концепцијата за политички сепаратизам првпат се појавува во весникот “Право“, неофицијален орган на ЦК на ВМОРО во 1902 година, со јасно разграничување за “запазување на бугарското племе како целина, неразделено и сврзано со својата духовна култура, макар и разделено политички“.
Продолжува…
