Избор или избори?
Facebook статус на Никица Корубин
Дека регионалните случувања секогаш индиректно ја засегаат и Македонија, не е никаква новина. Но, дека тие директно ја насочуваат нејзината иднина е болна новина последните неколку години. Коинциденција со лик и наличје на синхронизација. После 2018 година и уставните измени, односно дефинитивната потврда на независноста на државата и членството во НАТО, некако многу “координирано” се одвиваат последователните настани.
“Отворен Балкан” “мистериозно” се појавува баш кога се блокира имплементацијата на договорот со Бугарија, како “алтернатива” за ЕУ; црковното прашање и автокефалноста на МПЦ-ОА се комплицира “случајно” баш кога треба Вселенската Патријаршија да го издаде томосот, со блиц-криг операција на меко “црногорско сценарио”; а ЕУ се компромитира, релативизра и шиканира, со јасен напад кон неа и јалово-појавна “одбрана” на неа, баш кога треба да се исполнат условите од преговарачката рамка.
Дали по патот на таа “координација” со настаните во соседството, можеме кај нас да очекуваме прво уставни измени или избори? Неважно дали се предвремени или не, бидејќи ако годината ја завршиме без исполнување на обврските од преговарачката рамка, и редовните избори ја имаат тежината на предвремени: самоблокирање на државата. Кое свесно или несвесно е веројатно “сонот” на многу повеќе “партиски и клановски” структури, отколку што се чини на прв поглед.
И, дали всушност, кризата на Косово, се прелева и кај нас? Но, не како безбедносна криза, како последица на терористичкиот напад од пред некој ден, туку како егзистенцијална криза на отстапување од ЕУ патот, преку пресликување на поведението на соседите: ако може во Србија, на која јасно и беше кажано дека не е време за предвремени избори, пред реализација на “Охридскиот договор” со Косово; сепак да има предвремени избори, зошто не може и кај нас? Соседска помош, соседски диктат или интерен договор во Отворен Балкан?
А, кога сме веќе кај Отворен Балкан, за кој после последните случувања е веќе дегутантно и да се праша, а и инаку, “зарем уште не сме излегле”, и после “пишман-аџија” манирот на албанскиот премиер Еди Рама, кој демек го “затвори” Отворен Балкан, ама пак истовремено ја продлабочи поддршката кон Србија (и српскиот претседател Вучиќ) со “великодушниот” предлог, КФОР да ја превземел контролата во северниот дел на Косово, предлог, за кој патем речено и самиот јавно се изјасни; не е на одмет да се праша, а кој е вториот?
Вториот премиер/претседател од “од најмалку двајца од земјите на Западен Балкан, кој на заседанието на Обединетите нации, го дале тој предлог”, како што може неофицијално и неформално да се слушне, деновиве во ретките српски независни медиуми. Оние кои не се пренесуваат кај нас и оние кај кои, за чудо за земја членка на НАТО и кандидат за ЕУ, никој не дава изјави и интервјуа. Тие се резервирани за српските режимски медиуми. Искрено се надевам, дека не е во прашање некој друг член на Отворен Балкан.
Затоа што инаку, дискутабилно е дали “средбата на помирување” во владеачката партија, е средба за единствениот избор кој го имаме ЕУ, или средба за избори? Сфатени на повеќе начини (партиски, политички, стратешки). На страна од “игрите кои ги водат”, но и “игрите кои се принудени да ги водат” за занимавање, да не кажам “замајување” на јавноста. Која така “замаена” со мантрата “амнестија за гласови”, наеднаш да не се најде пред изборот: избори или нормална иднина?
Едното со другото не оди. Нашата единствена реална, остварлива и логична иднина е функционална држава. Која пак е можна, само преку процесот на реформи, во тек на преговарачкиот процес при пристапувањето кон ЕУ. Кој е пак можен само преку промена на уставот. Кој пак моментално со сите сили (метафорички и буквално) се опструира, блокира и дискредитира. А, тоа е единствениот избор кој го имаме. Избор кој зависи само од нас. И тој избор, наметнува едно и единствено прашање, кое сите не’ засега: кога ќе бидат изгласани уставните измени? Ако заврши “координацијата”.