Изговорот и моќта на ветото
Никица Корубин
Изговорот за не-чинењето, односно за неисполнувањето на меѓународните обврски е најсилниот modus operandi со кој располагале нашите власти низ годините. Најдолговечниот “изговор” беше Временета спогодба од 1995 година (т.н “спор за името” со Грција) и нејзиното нерешавање цели 23 години (не нужно и целосно по наша вина, но целосно на наша штета), се’ до 2018 година и Преспанскиот договор.
Само една година порано, се потпишува Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, како своевидна увертира во крајот на “неисполнувањето на меѓународните обврски” и функционирање во политичката и цивилизациска реалност на светот во 20-от и 21-от век.
И дали “нарушувањето” на таа комоција, на немање вето во евро-аталантскиот интегративен процес, на почетокот на 2019 година после ратификувањето на уставните измени и Преспанскиот договор во македонскиот и грчкиот парламент е најголемиот удар за концептот и феноменот на “заробената држава” (“заробеното општество); кое ќе ги предизвика најголемите општествени турбуленции во текот на 2019 година, и наместо очекуваната стабилизација и НАТО и ЕУ интеграција (половично завршена со НАТО интеграцијата); ќе го отвори патот за ново вето?
Па, така всушност после крајот на “експлоатирањето” на Времената спогодба (и Грција) во 2018 година како “извор на вето”, односно ефективен и правен изговор за не-чинење на суштинска реформа и европска адаптација на системот; во 2019 година Бугарија и Договорот за добрососедство и пријателство станува нов “извор” за потенцијално и реално вето. А, ветото доаѓа, како што знаеме од претходно, со “неспроведување на договорите”.
Договорот со Бугарија е потпишан во 2017 година, ратификуван на почетокот на 2018 година и ставен на “стендбај” чекајќи го исходот од тоа што следи: потпишување на Преспанскиот договор, негово ратификување, консултативен референдум и носење на уставните измени на почетокот на 2019 година.
Иако, самиот договор предвидува формирање на заедничка меѓувладина комисија која треба да заседава редовно најмалку еднаш во текот на годината, и која во основа ја следи примената на договорот; првиот записник (протокол) е потпишан во јуни месец 2019 година, случајно или не после “завршувањето на спорот со Грција”.
Протокол чиј текст е невозможно да се најде во јавниот (а, можеби и во официјалниот простор), иако токму неговото неисполнување, односно неисполнувањето на самиот договор е формално-правна причина за официјалното вето кое Бугарија го става на преговарачката рамка за Северна Македонија во 2020 година.
И ова е всушност во “континуитетот на ветата” најкомотната позиција со која може власта, а и “заробената држава” да се носи кај нас. Вината е кај некој друг, вината за блокираните евро-интегративен процес, вината за нефункционалноста на системот. А, и изговорот за “природниот тек” на анти-бугарски, после децениските анти-грчки “изворни чувства” како резултат на “неправдата кон нас”.
Ниту збор во јавниот дискурс за “неправдата кон сопствените граѓани” со (не)свесно и систематско неисполнување на превземените меѓународни обврски, со политички незрел третман во “итарпејовски” манир на про-форма потпишување и суштинско изигрување на обврската како ултимативен кредибилитет на државата.
Со комоцијата на масовно трошење на парите на ЕУ (и САД), преку “генијалниот” систем на активна (авто)блокада – “ние не сме виновни, другиот е”. Постапување, кое всушност, “неспособноста, незрелоста и себичноста” ја проектира врз сопствените граѓани.
И кога конечно и ова вето (основата на “глумење на про-ЕУ сентимент и фактички евро-интеграции”) е тргнато со преговарачката рамка од 2022 година и вториот записник (протокол) помеѓу Бугарија и Македонија од истиот период; настанува “вакуум простор” на “непозната територија” на функционирање на државата без вето. Нема кој да се обвини. Нема “параван за криење”.
Има само обврски (како и до тогаш) за исполнување. Не, поради другите, туку поради нормален и функционален живот за сопствените граѓани. Поради ефективно спроведување на сопствениот устав и уставното уредување. Поради живот во реален свет, а не во фиктивна имагинација.
Двата договора, Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, заедно со Охридскиот рамковен договор се дел и од Преговарачката рамка и од официјалната позиција на САД кон нас. Вториот протокол (записник) е значаен затоа што означува формално-правен континуитет на почитување и исполнување на Договорот со Бугарија. Макар и само формално.
Проблематизирањето и обидот за анулирање на протоколот е обид за прекинување на континуитетот на исполнување на договорот и преговорачката рамка, иако де-факто имаме ефективна авто-блокада цели четири години. Четири години без вето. Четири години “ние” сме виновните. Нема на кого да се префрли вината. Четири години цела ЕУ (и САД) чекаат Северна Македонија да ги исполни обврските. И кон нив, и кон соседите и кон сопствените граѓани. Права и обврски. Правата ги бараме, а обврските не ги сакаме.
Па, дали всушност четири години се бара “причина за ново вето”? Таа толку “комотна и безбедна” позиција, на ламентирање, на брутално наметнување на “чувство на жртви”, а всушност “жртвување” на сопствените граѓани, општество и држава на “олтарот на (посакуваното) вето”? А, за што? Која е таа цел и “страст по вето”, која е “вредна” за такви “жртви”?
Дали е тоа “духот на времето” и текот на историјата кој не може (повеќе), вештачки да се запира? Или можеби тоа е желба за “враќање во времето (и просторот)” од кое можеби некој “никогаш и не излегол”?

