| |

Изложба во срцето на Софија ги претставува фантастичните умови на Бугарија

„Фантастични умови“ е насловот на изложбата поставена во срцето на Софија – на „Мостот на вљубените“ до Националниот дворец на културата. Таа влева национална гордост и увереност дека бугарските умови имаат свое место на светскиот олимписки подиум, изборено со многу труд, љубопитност и упорност, пишува БНР.

Фотографиите на Костадин Крстев-Коко раскажуваат за бугарскиот придонес во историјата на меѓународните олимпијади, запознавајќи нè со „Младите будители“ – учениците од националните тимови и нивните раководители по математика, физика, хемија, биологија, информатика, лингвистика, астрономија и астрофизика, географија и вештачка интелигенција. Во 2025/2026 година тие ѝ донесоа на Бугарија 40 медали од деветте главни меѓународни олимпијади – пет златни, 15 сребрени и 20 бронзени. Со одличјата од европските, балканските, младинските и другите меѓународни олимпијади, вкупниот број медали достигна 108.

„Олимпијците во сезоната 2025–2026 гордо го вееја бугарското знаме низ целиот свет. Блескаа со своите умови. Изложбата е создадена со надеж дека ќе инспирираме сè повеќе деца да се заинтересираат за науката, да ја разгорат својата љубопитност и да станат следните олимпијци. Многу важен елемент е придонесот што ѝ се враќа на заедницата – повеќе од половината раководители годинава се поранешни олимпијци. Така, Бугарија ѝ возвраќа на Бугарија, а ова се само дел од нашите поранешни олимпијци што им помагаат на идните“, сподели Елена Маринова од Здружението на олимписките тимови по природни науки, кое ја организира изложбата заедно со голем трговски синџир, Општина Софија и Министерството за образование и наука.

„Јас лично мислам дека во Бугарија има многу таленти, но навистина е важно да се охрабруваме за да може тој талент да се оствари. Можеби токму вакви изложби се потребни за тоа охрабрување“, вели Александар Бангачев, освојувач на сребрен медал на меѓународна олимпијада по математика.

Меѓу младите таленти во Бугарија е и Петар Попов од градот Гоце Делчев. Освојувачот на бронзен медал на меѓународната олимпијада по физика, која летово се одржа во Колумбија, моментално е студент во прва година на Факултетот за математика и информатика при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и е дел од престижната истражувачка програма EXPLORER на институтот INSAIT.

„Се подготвувам со решавање задачи и читање учебници и книги. Успехот е резултат на упорност, труд и подготовка, а големо значење за тоа имаат нашите раководители и школите што ги организира Здружението на олимписките тимови по природни науки.“

За освојување одличја, младите медалисти се потпираат на помошта од луѓето што ги подготвуваат за олимпијадите.

„Тие доаѓаат кај нас како необработени дијаманти и малку им е потребно за да го достигнат совршенството што ќе ги издигне на врвот на светските олимпијади“, вели Албена Јорданова, раководителка на тимот по биологија.

Ова е третото издание на изложбата „Фантастични умови“, која може да се посети во центарот на Софија до 30 ноември, по што ќе тргне на патување. Претходното издание гостуваше во 33 бугарски градови и во три бугарски неделни училишта во странство, за да запознае уште повеќе луѓе со достигнувањата и приказните на бугарските олимпијци.

Слични Објави