С. МАКЕДОНИЈА-ГРЦИЈА ПРЕГРАТКА НА СМРТТА (3)

Ако веќе говоревме за парите кои “ги немаме”, за медиумскиот пресинг врз државата, редно е да се каже нешто и за темната, “разузнавачката” страна во нашите односи со Грција. Имено, пред извесно време, македонскиот ексразузнавач и врвен професионалец во својата професија, пред телевизија “Телма”, ја разбранува македонската јавност со улогата и вмешаноста на грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас на македонската сцена, а најмногу зад сцената. Кондоминас е познат не толку по своите бизниси, туку по индикативните бизнис-политички зделки во Македонија. Тој е оној, на чие барање, наводно, Груевски прво станува министер за финансии во владата на Љубчо Георгиевски, за подоцна Љубчо да го предложи за лидер на ВМРО ДПМНЕ. Кондоминис го врши тоа влијание затоа што Груевски е потписникот на договорот со “ОКТА”, од која имаа ќар сите (освен Македонија), а заради тој договор, Кондоминас го имал Груевски “во џеб”, како ште рече Богоевски на Тв “Телма”. ВМРО ДПМНЕ најавуваше тужби, ама изгледа дека од таа работа не стана ништо.

Ова не е прв пат Богоевски да го споменува Кондоминас. Тој, Богоевски, пред Американската комисија за хартии од вредност, која го води судскиот спор против Маѓар телеком, дава изјава која е и јавно достапна.

Богоевски сведочи дека во 2004 година лично Димитрис Кондоминас побарал врска со тогашен висок функционер на СДСМ и со челниците на владиниот коалициски партнер ДУИ. Целта била да се поткупат за да се спречи либерализацијата на македонскиот телекомуникациски пазар, односно што подолго да се задржи монополот на Телеком каде Кондоминас имал дел од сопственоста-акции. За исплата на поткупот биле користени фирмите на Кондоминас – Чаптекс и Космотелко. Од сумата за поткупот што ја планирале директорите на Маѓар Телеком во висина од 10 милиони евра, 2,5 милиони евра добил функционер на СДСМ, а по толку поделиле и двајца челници на ДУИ. Според Богоевски, последната четвртина ја задржал двигателот на проектот, самиот Кондоминас. Патот на парите за поткупот оделе од Македонски Телеком, до исплата во кеш преку Нетфон (зад кој стои Кондоминас), скопска компанија на која Телеком и плаќал за лажни консултантски договори, а таа-Нетфон, ги префрлала парите на кипарски Чапекс, од каде била вадена готовина преку луѓе на Кондоминас. Кондоминас е професионалец во занаетот, тој го брани случајот и пред новата власт на Македонија со ВМРО ДПМНЕ, иако се поднесени меѓународни потерници по поранешните директори на Македонски телеком.

Но, Кондоминас не е сам. Неговиот пријател Емануел Мелелис-познатиот Маноли, со доаѓањето на власт на ВМРО ДПМНЕ влегува во игра. Се уредува средба во Солун меѓу Маноли, Кондоминас и висок функционер на ВМРО ДПМНЕ, од кого е побарано да бидат повлечени споменатите меѓународни потерници. Вмровецот услугата ја наплатил два милиони евра, а за да се поравнаат парите од претходната зделка со СДСМ и ДУИ, побарал уште 500 илјади евра за правни услуги, односно, за адвокатската фирма која ќе ги изврши. Исто Така Богоевски сведочи дека, за да да се уредат односите со новата власт, тука спаѓа и размената на три згради на на Македонски Телеком, за една на плоштадот во Скопје, тогаш сеуште во изградба-карабина. За да не испадне дека карабината била продадена “евтино”, Телекомот од своја страна на зделката додал уште 16 милиони евра. Така, Кондоминас се стабилизира и во новата вмровска власт во Македонија. Тој е готов и да го “помогне” проектот Скопје 2014 година. За таа цел купува 6.300 квадратни метри место на скопскиот плоштад, за 100 евра по квадрат, и зема обврска да го обнови Офицерскиот дом во Скопје кој беше разурнат во земјотресот 1963 година и да изгради хотел што ќе кореспондира со античната идеја на Скопје 2014 година. Не успеа да го заврши понуденото. Фирмата ја продаде на “ДЦ прај проприетас” на русинот Самсоненко, кој исто така се обврза да го заврши проектот.

Широки се активностите на Кондоминас. Сака да влезе во бизнис со хидроелектрани, сопственик е на фирмата Космотелко , со акции од 7,4% од македонски Телеком (Стоунбриџ телекомуникации), со лиценци за сопствени компании и слично. Кондоминас имал купено и земјиште во близина на елитниот хотел “Александар палас” од 22.000 метри квадратни, но тоа земјиште е денационализирано и вратено на сопствениците. Така пропаѓа неговиот проект таму да отвори голем трговски центар. Тој е и првичниот сопственик на Тв Скопје, која подоцна стана Тв “Алфа”, па сега не труе со стари српско југословенски филмови.

Кондоминас има впечатлива биографија. Роден е 1939 година во Атина. Нема бизнис каде не се опробал: медиуми, кино бизнис, сопственик на фудбалскиот клуб Арис, банкарство, како и во малопродажба. Неговата најголема компанија е “Интерамерикан иншуранс”, а има и награда од Васељенската патријаршија како нејзин “голем добротвор”…веројатно се мисли на донатор. За него е издаден и налог за апсење заради сомнителни кредитирања од грчкта Поштенска банка, кога таа изгубила во периодот од 2007 до 2012 година околу 500 милиони евра. Со со дел од тие пари, меѓу другото, купил апартман на ќерката во Лондон. Налогот за апсење го добил на болничко легло, но не бил затворен нито еден ден-платил кауција од 5 милиони евра и е пуштен да се брани од слобода. Не е само Кондоминас. Јавно се говори за вмреженоста на македонската влада и висок функционер на ЛДП со компаниите на контроверзниот руски бизнисмен Иван Савидис, кој е посочен како главен финансиер на про-руските активности во Македонија. Европската истржувачка мрежа Органајзед крајм енд корупшан рипортинг проџект (OCCRP) во јули 2018 објави дека, според документи на Македонското министерство за внатрешни работи, рускиот бизнисмен, кој живее во Грција, платил 300 илјади евра на македонски политичари, членови на новоформирани националистички организации и навивачи, за политички активности во Македонија. Савидис се поврзува со финансирање на групи кои работат на поддршка на Руската федерација и на нејзиниот авторитарен водач Владимир Путин. Дека е замешан во македонските црни политички влијанија, потврди и премиерот Зоран Заев во интервјуто за американската агенција “Базфид”, но заборави да каже дека и тој е поврзан со луѓе на Савидис. “Проруски грчки бизнисмен”, вели Заев, “им плаќал на македонци од 13 до 21 илјада долари за да предизвикаат насилни протести пред клучниот референдум за името”.

(ПРОДОЛЖУВА)

Автор: Владимир Перев, новинар

Првиот дел од анализата можете да го прочитате овде.

Вториот дел од анализата можете да го прочитате овде.

МАТЕРИЈАЛОТ Е ПРЕВЗЕМЕН ОД WWW.FAKTOR.BG

ПРЕВОД: РЕДАКЦИЈА ТРИБУНА