| |

КАДЕ СЕ ДЕЦАТА, КАДЕ ОТИДОА?

Зад нас е првата недела од новата учебна година. Започна со турбуленции од типот на предупредувачки штрајк на просветните работници уште на првиот работен ден. Оваа генерација првачиња ќе биде единствена која не ја започнала учебната година на првиот работен ден од септември, туку на вториот. Уште во старт се „специјални“.

Понатаму се кршеа копјата кое право е попретежно. Дали правото на задолжително образование за сите деца или пак правото на заштита на јавното здравје и обврската за вакцинација. Иако епидемијата на морбили мистериозно заврши како и што почна, без било кој веќе да ги спомнува, а не дај Боже и да продолжи да реагира превентивно, остана отворено прашањето-Дали невакцинираните деца ќе одат на училиште рамо до рамо со вакцинираните? Нели се опасност едните за другите или сепак е поголема опасноста од неписмена нација? Сепак не е џабе народната-И будалата бега од неписмениот!!!

Сепак под радар ни помина фактот дека во Куманово има скоро 500 деца првачиња помалку во училишните клупи. Податок добиен од Матичната служба за бројот на родени деца во Куманово, кои старосно одговараат за упис во оваа учебна година. Каде се децата, каде отидоа?
Да биде уште полошо, децата не исчезнаа самите од Куманово, туку заедно со целите семејства. Алармантно ни е што наталитетот ни опаѓа, а иселувањето зема замав како никогаш порано. Градот ни се празни, а надлежните ништо не преземаат. Небаре не им требаат граѓани, доволни си се самите на себе. Ама ќе има избори, па ќе видиме кој ќе им прави гласачки цензус или пак како ќе ја добијат довербата од одјавените или нивните семејства, кои веќе ништо не ги интересира за оваа држава.

Политиката мора да предвидува, ама овие нашите се кусогледи. Нивната политика е на дневна база и ништо не ги интересира за месец-два во иднина, а не камо ли за некој плански период од 5 или 10 години. Ама ќе се увиди сето катастрофално работење на државната администрација кога буџетот ќе им остане празен затоа што нашите граѓани веќе придонесуваат во буџетите на западните држави, каде ја имаат пронајдено втората татковина.
Сепак, децата се наше најголемо богатство. А ние истото масовно го извезуваме за да ги краси туѓите пространства. А народ без деца се губи од етнолошката карта. Бидете сигурни!!!

П.С. Поддршка за просветните работници- Мора да истраете во своите настојувања, да се изборите за своите права, за да се вратите на угледот и позицијата што некогаш ги имавте. Вашето девалвирање е рушење на основите на здрава држава. No pasaran!!! Не се предавајте, не се откажувајте!!!

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ- Куманово

Слични Објави