| |

С. МАКЕДОНИЈА-ГРЦИЈА ПРЕГРАТКА НА СМРТТА (1)

Договорот меѓу Македонија и Грција,  потпишан минатата година, во Нивице, останува како камен на сопнување во односите меѓу власта и опозицијата во Македонија, разделен камен за тоа кој како ЌЕ владее во иднина и кој што ќе направи за договорот да биде имплементиран во онаа форма и количество кое најдобро одговара на интересите на македонскиот народ. Не така ретко, но сепак во заднината на политичките борби за превласт во земјата, се слушаат и гласови дека “доколку ние дојдеме на власт, ќе уредиме поинакви, поповолни услови за имплементација на договорот”. Наводно, “некој” ќе водел одново разговори со грчката страна предводена од Мицотакис, па ќе се барало поповолно решение за Македонија.

Ако овие размисли се дел од политичката борба за освојување или опстојување на власт, тогаш тоа е дозволен и веројатно продуктивен метод за борба. Но ако некој сериозно мисли дека со Мицотакис, или со било кој грчки државник ќе добие нешто повеќе од она што е запишано во Нивице, жестоко лаже – го лаже сопствениот народ, а веројатно се лаже и себе си. Нема ништо од таа работа. Грчките позиции се јасни, картите на масата се распределени а грчката страна ги држи сите џокери во оваа измачена, ограбена и осиромашена земја.

Ако за некои кругови во земјава, повлекувањето на југоармијата и прогласувањето на самостојната република Македонија беше конечна слобода на еден напатен народ, другите не мислеа така. “Заминувањето на оружјето” од земјава, отвори празен простор за нови, поинакви, модерни влијанија. Празниот простор оставен од српското оружје, остави и празни финансиски фондови. Тој празен простор беше покриен со грчките пари, финански и влијанија. Да видиме како…

Податоците на Народната банка на Македонија за периодот 1997-2017 година, говорат дека во изминативе две децении Грција има инвестиции во Македонија во висина од 473 милиони евра. Таа е на трето место на листата најголеми странски инвеститори во земјава. Пред неа се само Австрија со 637 милиони евра и Обединетото кралство со 531 милион евра. Во истиот период вкупно странски инвестиции биле 4,7 милијарди евра, што значи дека Грција се движи некаде од 10,1% од вкупните инвестиции во Македонија. Истовремено, имаме околу 300 компании кои работат со грчки капитал, претежно во трговијата, текстилната, услужната и тешката индустрија. Најголемите инвестици на Грција се купувањето на:

  1. “Стопанска банка Скопје”, од страна на Националната банка на Грција,
  2. “Окта” од страна на “Хеленик петролеум”,
  3. “Цементарница Усје” од страна на “Титан”,
  4. “Мермерен комбинат” од страна на “Павлидис мермер и гранит” и
  5. “Енерџи диливери солоушнс” купена од “ППЦ”

Ова се големите грчки адути во “борбата” со Македонија. Тоа се главните џокери на кои Грција воопшто досега не се повикала.

Но, тоа не е се. Според бројот на вработени, предничи “Веропулос” кој имал 1043 вработени во 2018 година, а во чекор го следат текстилната “Конигтон”, потоа “Фалко” па “Текстилна корпорација”, па услужната дејност на “Ланд сервис” и “Актор” во градежништвото.

Две грчки компании имаат најголемо зголемување на вработените во 2018 година: гевгелиската “Стампа” со 60% и “Секе” од Прилеп со 25%. Ова говори само по себе, за извонредната динамика со која работат грчките компании.

Во 2016 година, осум грчки компании, или компании со мешовит капитал, се дел од листата на 200 најголеми бизниси во Македонија. На трето место на таа листа е “Окта” т.е. Групацијата “Хеленик петролеум” со промет од 311 милиони евра, “Усје-Титан” со 72,4 милиони евра, а на 24-то место е “Веропулос” со промет од 70,7 милиони евра. Меѓу 200-те компании се наоѓаат и “Пивара Скопје”, “Актор” и “Мермерен комбинат”.

Да уточниме, прометот на грчките фирми е 7% од прометот на 200-те најголеми македонски компании. Во однос на профитот “Усје” се наоѓа на четврто место по остварен профит од 19,5 милиони евра, а “Пивара Скопје” на 10-то место со 12,4 милиони евра профит. Во стапка ги следат ОКТА и “Актор”, едниот со 408% а вториот со 286,4% пораст на профитот.

(ПРОДОЛЖУВА)

МАТЕРИЈАЛОТ Е ПРЕВЗЕМЕН ОД WWW.FAKTOR.BG

ПРЕВОД: РЕДАКЦИЈА ТРИБУНА

Автор: Владимир Перев



Слични Објави