Кој е гревот на Северна Македонија?
Facebook статус на Никица Корубин
Следејќи ги сите апокалиптични најави од разни “експертски” страни за катастрофата што следува после уставните измени, во ова бурно лето кое ја чека “жешката есен”, во вистински екстремен и лажно религиозен занес; прашањето само се наметнува: кој е гревот на Северна Македонија што толку им пречи на нашите (наследени и наметнати) елити?
Првиот грев е во минатото, таа 1991 година, која така убаво реторичко-референдумски беше “спакувана” како времена, а стана трајна; всушност главната точка на нашата сегашност, до која воделе настаните во минатото: самостојна и независна држава. И, ако тоа “самостојна”, како формално правна и политичка категорија, некако и можеше да се проголта, ова “независна” никако не смееше да се дозволи.
Зависноста е темелно и страсно негувана до ден денес. Од цел систем, за кој можеме да ја употребиме веќе легендарната референца “заробена држава”. Институционално заробена од партиите, а фактички заробена од “елитите”. Односно од оние кои смееле да бидат “елити”, во политиката, во образованието, во медиумите, во бизнисот, во синдикатите, во коморите, во културата, во академијата … всушност секаде.
Таа распосланост и сеприсутност излегува на виделина “кога е густо” по нив, а добро по граѓаните и државата Северна Македонија. Тие се чуварите на наследениот и воспоставен систем на контрола и моќ, двете клучни работи за државата никогаш да не стане реално независна, и секогаш да жалиме што станала и самостојна. Тие сакаат држава по нивна мерка, нивни позиции, нивни услови и нивна замисла.
Вториот грев е Западот. Таа “страшна” сила, што еве ефективно 30-тина години не’ одржува како меѓународно признат политички ентитет: држава. И попатно не’ храни и го штити на секаков начин нашиот опстанок. Не’ убедува во нашата независност, во нашата способност дека можеме да бидеме држава како и секоја друга. Не’ учи на сите вештини, не’ плаќа и финансира.
Иако, овие последните активности, како да се резервирани само и исклучиво за нашата “елита” која контрадикторно е најголемиот скептик (противник) на државата која се негува, Северна Македонија. Но, како и да се наменат за било кој друг, во “заробената држава” која внимателно ја чува државата од нас, нејзините граѓани?
Тој парадокс, видлив подобро од било кого, е само делумно вина на Западот, работат со институциите, и со тие што се “на располагање”, избраните; главната вина е во нашето одбивање ментално да се осамостоиме, на начин на кој сме ја осамостоиле државата, формално-правно. Одбивање, за воља на вистината “помогнато” на секаков можен начин, од нашите великодушни чувари на (не)зависноста, на ограничениот рок на нашето траење. На итроманското “не’ не бива”. На послушноста и врските со менторот, со матицата, со минатото кое одамна не постои, а ниту пак некогаш постоело во романтичната форма на желбите на нашата “заробена држава”, никогаш и држава да не стане.
Третиот грев на Северна Македонија, се договорите, со соседите и со сограѓаните (Охридскиот, Преспанскиот, и Договорот со Бугарија). Договори за дефинирање на републиката, на современа и модерна држава, дел од меѓународниот правен поредок и дел од политичкиот свет. Држава која го почитува и истражува минатото, но не го идеализира и компромитира. Држава која живее во сегашноста, по правила и стандарди, која одржува функционален систем за сопствените граѓани. Држава која рационално ја разбира реалноста, историскиот контекст и односите со соседите, како непроменлива константа, која почива на меѓусебна почит.
Држава која е за сите, а не само за Македонците, бидејќи нели ние сме “жртвите и страдалниците”, па согласно на таа мантра, треба да имаме разбирање и за другите “жртви”, оние нашите на пример. Иако, се чини дека метафорички, но и реално колективно сме жртви на нашата “елита”, чуварката на нашата (времена) независност. Иако, во третиот грев, видно недостасува еден сосед и Договорот со него, за да ја заокружиме 1991. Но, токму тој е всушност “отворената врата” за активирање на нашата (времена) самостојност и независност. Пеколна врата, која полека се затвора во овие денови на “катаклизми и катастрофи” во државата, која нели “не ја бива”.
И ова се главните гревови на Северна Македонија, нашата држава. И поради овие главни гревови, со уште стотици мали, жестоко и безмилосно се пропагира нејзино уставно дезавуирање на дневна основа (никогаш Северна), институционално разградување (непризнавање на парламентарни одлуки), свесно и систематско правно и политичко уништување (не по Бугарски диктат), со помош и поддршка на “системот на јавноста”, нашата единствена “заробена држава”, во која се кријат сите чувари на “вториот дел од референдумското прашање од 1991”, скриени и маскирани во сите партии, сите медиуми, сите факултети, сите невладини, сите бизнисмени; “сите” со дозвола до моќта и контролата. Внимаваат, последната врата случајно да не се затвори.
Но, која е всушност аномалијата? Аномалијата на овој “совршен систем” се самите граѓани. Истите оние кои искрено ја сакаа и донесоа 1991 година, кои се дел од Западот, и кои се свесни за сите Договори кои оваа држава мора да ги направи за да биде, прво држава, а потоа и функционална држава, за сите, а не за “наследената и дозволена” елита. “Заробената држава” против сопствените граѓани? Со сета “машинерија”, гревовите се редеа, еден по друг, се’ додека не дојдоа до најголемиот: членство во ЕУ.
Како референца за спас на сите граѓани, од “елитата” која така грижливо не’ чуваше сите овие години, никогаш таму и да не стигнеме. Гревот, всушност бил благослов. Зависно од која позиција се гледа. А, за нас е единствено битна, позицијата на Северна Македонија, која успеваме да ја одбраниме “од нашите”. Остана уште последниот чекор. И за нив и за нас.
