ИДЕНТИТЕТСКА КРИЗА
Договорот од Преспа ги извади од калта сите видови на фрустрации, зла пизма и разделеност меѓу Македонците. Од намера или од неукост, да се навреди својот опоненет, кој ете, не сака да Бојкотира, и сака да излезе да гласа ЗА или ПРОТИВ овој договор, како идентитетски префикс во етерот е пуштен терминот северњаци. Оние северните Македонци се изроди на државата и нацијата а сите останати се патриотите кои не ја заслужуваат казната на камата и револверот.
Не би сакал да навлезам во суштината на договорот од Преспа затоа што секако тој има свои огромни недостатоци и неповолности кон нас како нација. Но зошто е тоа така? Бранејќи го нашиот идентитет, кои во моментов како варијабилна вредност е симнат на најниска гранка, од култови кон Зета Македонија, оргазмично паѓање во транс на Цеца и навивање за Црвена Ѕвезда, од 1991 година па се до денес, самите си ја влошивме позицијата околу ова прашање.
Во минатото имавме и многу подобри договори од овој што е сега на маса и е убедливо најлош, но со вредноста ИДЕНТИТЕТ која сега ја има во својот џеб Македонецот, научна фантазија е во иднина да се избоксува подобар. Денешните прокламатори на договорот од Преспа, кои така триумфалистички ни го подвалија под нос, пред само 15 години, со дрвја и камења фрлаа на еден договор кој беше сличен на денешниот но без фамозната ЕРГА ОМНЕЗ. Дали ќе му се извинат на народот што тогаш биле визионерски заслепени или водени од поривот за водење на дневна политика. Од истиот тој порив за водење дневна политика, минатата власт, ја урна можноста Македонија да влезе во меѓународните сојузи под привремената референца БЈРМ.
Антиквизацијата и борбата за 63 пратеници беше поважна од гледањето нанапред и од водењето државотворна политика, наместо голо политиканство. Па сега, ликови кои не така одамна праќаа писма и не убедуваа дека амнестирањето на злосторници против цивилно население е од добробит на државата, со кама и револвер ќе го бранеле Уставот. Каков парадокс. Оние кои го амнестираа кршењето на конвенциите за војување и ги амнестираа злосторници против цивилното население, не се центар кои треба да ни зборуваат нас за бранење на Устав. Не е ни етички не е ни морално.
Што е со идентитетот? На оние кои се расфрлаат со фразата северни, северно Македонци, кон своите опоненти, сакам да им порачам само една работа…
Доколку нашите предци во минатото, го имале вашиот идентитески фејл, и доколку тие се водеа како вас, од едно парче хартија да му го негирате идентитетот на вашиот сосед, брат, братучед Македонец, ние денес немаше да опстоиме како Македонија и Македонци. Тие својот идентитет го сочуваа и во времето на СХС и во времето на Отоманската империја, кога од Македонија немаше ниту М во записите. Гоце Делчев кој е роден во Отоманската империја, како бугарски учител го чевствуваме и славиме како наш најголем Македонец. Идентиетот е нешто што не може ниту едно парче хартија да ти го одземе. Или го имаш или го немаш во себе. Пример нека ви бидат нашите браќа во Пиринско и Егејско. Ете. Тие во ,,поробените’’теротирии на Македонија, освен македонска музика и македонски ора не знаат ни за Цеца ни за Јужни ветар. Ве молам вие, од ослободената Македонија, задоени на српски шунд и носталгии кон Југославија, да не зборувате за идентитет. Сите останати го имаат тоа право.
Автор: Булеварко

