| |

Трамп и Нетанјаху претставија мировен план за Газа со 20 точки

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон е „многу близу“ до обезбедување на мир, откако вчера се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и го претстави мировниот план за Газа составен од 20 точки, јавува БГНЕС.

„Работи што се случуваат со векови, па дури и со илјадници години, ќе бидат барем многу блиску до решавање. Мислам дека сме повеќе од блиску. Сакам да му се заблагодарам на Биби што навистина се вклучи и ја заврши својата работа,“ рече Трамп на заедничката прес-конференција во Белата куќа.

Тој додаде дека Израел ќе има негова „целосна поддршка“ да ја уништи Хамас доколку организацијата го одбие планот. „Се надевам на позитивен одговор, но ако не, тогаш Израел ќе ја има нашата целосна поддршка да го стори тоа што мора,“ нагласи Трамп.

Американскиот претседател ја нарече одлуката на неколку западни држави да ја признаат палестинската држава „глупава“. „Некои од нашите европски пријатели, добри луѓе, направија таков чекор, но сите сакаат враќање на мирот и нормалноста,“ додаде тој.

Трамп објасни дека планот предвидува изготвување на временска рамка за постепено повлекување на израелските сили од Газа, во координација со новата преодна власт што ќе ја управува територијата.

Од своја страна, премиерот Нетанјаху изјави дека го поддржува планот на САД: „Тој ќе ги врати нашите заложници, ќе ги уништи воените капацитети на Хамас, ќе стави крај на неговото политичко владеење и ќе гарантира дека Газа никогаш повеќе нема да биде закана за Израел.“

Нетанјаху додаде дека Израел ќе ја задржи „одговорноста за безбедноста“ во регионот, вклучително и безбедносниот периметар, и предупреди дека доколку Хамас го одбие договорот, Израел ќе ја „доврши работата“ самостојно.

Според дипломатски извори, катарскиот премиер шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани и шефот на египетското разузнавање Хасан Махмуд Рашад во понеделник се сретнале со преговарачите на Хамас за да им го предадат планот од 20 точки. Претставниците на палестинската организација соопштиле дека ќе го разгледаат и ќе достават официјален одговор.

Слични Објави