Германија, Франција и Полска ја повикаа Русија да прекине со „непријателските акции“
Министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Полска – Јохан Вадепул, Жан-Ноел Баро и Радослав Сикорски – во рамки на Вајмарската тројка, упатија заедничко предупредување до Русија да стави крај на „враждебните акции“ против сојузниците од НАТО, јавува БГНЕС.
Изјавата беше објавена по нивната средба во Варшава.
„Го потврдуваме нашето единство и непоколебливата решеност да го браниме европскиот мир, безбедноста и заедничките фундаментални вредности од продолжената руска војна на агресија,“ наведуваат министрите.
Според нив, последните нарушувања на воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија претставуваат „неразумни и непријателски акти, неприфатлива ескалација што ја загрозува регионалната и европската стабилност“.
Тие остро ги осудија ваквите провокации и ја повикаа Руската Федерација веднаш да прекине со агресијата против Украина и да започне мировни преговори во координација со Киев.
Шефовите на дипломатиите истакнаа дека Германија, Франција и Полска ќе преземат поголема одговорност за европската безбедност, ќе работат заедно со партнерите од НАТО на заштита на воздушниот простор, зајакнување на противвоздушната и противракетната одбрана и подобрување на безбедноста на источниот фланг на Алијансата.
„Руските непријателски упади нема да нè заплашат. Тие само ја зацврстуваат нашата решеност. Колективната одбрана на НАТО, безбедноста на нашите граѓани и неприкосновеноста на нашите граници се непоколебливи,“ порачаа министрите.
Во заклучокот од изјавата беше нагласено дека праведен и траен мир во Европа останува врховната цел. „Додека тој не биде постигнат, ќе продолжиме со воената, хуманитарната и финансиската поддршка за Украина – членка на европското семејство и жртва на империјалните амбиции на Москва.“

