„ИЗОЛАЦИЈАТА СТАНУВА НЕПОДНОСЛИВА, А САМО ГОСПОД ЗНАЕ КОГА ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ ВО СКОПЈЕ!“

Запирањето на сите активности поради пандемијата со коронавирусот дефинитивно најтешко им паѓа на спортистите и тренерите кои „парчето леб“ го заработуваа во странство, со оглед што преку ноќ се најдоа во ситуација борбата на целиот свет против опасната болест да ја следат во самоизолација илјадници километри од својот дом и своите најблиски.

Еден од таквите е и поранешниот тренер на Фени индустри, Работнички и на МЗТ Скопје, Емил Рајковиќ, кој втора сезона по ред седеше на клупата на казахстанскиот шампион Стана. Тој деновиве ги минува во станот во главниот град Нур-Султан, изолиран од околината и надеж дека наскоро сѐ ќе се смири и дека ќе може да се врати во своето Скопје.

„Повеќе од десет дена сме во самоизолација, а тоа полека делува неподносливо. Тука сум со моето најблиско семејство. Во иста ситуација е и Сашо Тодоровски, мојот асистент во Астана, кој е со сопругата. Нешто порано, поради принова во семејството, си замина Борче Даскаловски, кој исто така работеше во мојот стручен штаб. Сега нема враќање во Скопје. Можеби во април, во мај, не знам. Секако дека сакам да се вратиме дома, да постои начин за враќање. Засега сме тука, во самоизолација, каде што имаме услови за нормално функционирање. Но, кој ни гарантира дека и овде нема да се прошири епидемијата? Прочитав дека во Казахстан веќе има стотина заболени од вирусот, а дека еден од нив починал. Почнаа забраните, се затвораат големите објекти, остануваат да работат супермаркетите и аптеките. Како ќе биде понатаму, само Господ знае. Да се надеваме дека сето ова ќе помине брзо и дека во скоро време ќе им се вратиме на своите нормални обврски“, вели Рајковиќ од далечниот Нур-Султан.

Тимот предводен од македонскиот стратег настапуваше и во регионалната ВТБ-лига со екипи од повеќе некогашни републики на поранешен СССР, чие раководство реши и официјално да го прекине првенството.

„Лигата означи крај на натпреварувањето, за жал, гледано од оној спортски аспект. Но, здравјето на сите учесници е на првото место, па оваа одлука е во најмала рака и очекувана. Шампионот нема да биде дефиниран, бидејќи спортскиот принцип не е исполнет. Учесниците во лигата одиграа различен број натпревари, регуларното првенство не беше завршено. Оваа сезона нема да има победник“, дополнува Рајковиќ.

До прекинот, неговата Астана играше одлични и оствари седум победи во 18 натпревари со што беше блиску да го повтори ланскиот успех, а тоа е пласман во плејофот.

Извор: Спорт1