|

Извештај на ЕУ за Северна Македонија – Спроведување на законите, а не ад хок решенија

Потребна е ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи, стои во Нацрт-извештајот на Европската комисија за Македонија, во кој РСЕ имаше увид. Добро е оценета работата на Антикорупциската комисија.

Северна Македонија е умерено подготвена по речиси сите критериуми, стои во нацрт-извештајот на Европската комисија што треба да се објави утре, а во кој Радио Слободна Европа имаше увид. Единствено во економските критериуми е наведен добар напредок, а во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика има многу добар прогрес.

Во извештајот се наведува дека работата на Собранието била нарушена со политичката поларизација, што го одложи усвојувањето на многу закони. Потребно е добро планирање и консултации за да се ограничи носењето на закони по брза постапка, а пратеничките прашања треба да бидат почести.

„Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи“, стои во извештајот.

Охридскиот договор продолжува да се спроведува, а меѓуетничките односи се оценети како стабилни.

Се наведвуа дека граѓанското општество продолжува да игра важна улога во процесот на донесување одлуки и во набљудувањето на активностите на државата. Сепак, потребна е поголема транспарентност и инклузивност во носењето одлуки.

Во извештајот се наведува дека се направени реформи во службите за безбедност, но треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор врз работата на тајните служби.

Доцни донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор.

Повеќе на Радио Слободна Европа.



Слични Објави