Директорот на Железници Инфраструктура Локвенец во ЕП: Ќе изградиме европски континентален Босфор

/

Директорот на јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија, Хари Локвенец денеска се обрати пред Европскиот Парламент, каде ги презентираше проектите за изградба на клучни коридори во државата.

Во контекст на енергетска и климатска криза, Локвенец ги потсети европратениците дека целта за декарбонизација на економиите во Европа во 2050 треба да значи фокус врз железничкиот транспорт.

-Единственото превозно средство кое може да ја оствари оваа цел е железничкиот превоз, затоа што е најбрз, најевтин, најкраток начин на конектирање и истовремено се грижи за животната средина, изјави Локвенец.

На сослушувањето во Европскиот Парламент, каде од учесниците само Македонците беа од земја која не е членка на ЕУ, Локвенец порача дека оваа цел ќе се оствари преку изградба на железничкиот Коридор 8, од Албанија преку Северна Македонија до Бугарија.

Планот тоа да се оствари е со поврзување на јадранското пристаниште во Драч преку Скопје до Црното море во Бугарија, Бургас и Варна. На овој начин, рече Локвенец, се поврзуваат Медитеранот и Црното море.



-Ова ни овозможува да кажеме дека го градиме европскиот континентален Босфор, рече тој, додавајќи дека на овој начин се поврзуваат три земји членки на НАТО.

Планот за Коридорот 8, додаде Локвенец, ќе заокружи „важна европска иницијатива“, којашто ги вклучува и балтичките земји и со тоа три мориња: Црното, Јадранското и Балтичкото.

-Дванаесет земји од оваа иницијатива преку македонската и албанската железница ќе го заокружат железничкото поврзување на Балтичкото, Црното и Јадранското море, рече Локвенец во Европскиот Парламент.

Извор: zoom.mk

Претходна статија

Во Битола приведено лице осомничено за прикажување порнографски материјал на малолетничка

Следна статија

Извештај на ЕУ за Северна Македонија – Спроведување на законите, а не ад хок решенија

Најново од Вести