Јаневска: со владина поддршка од 7 милиони евра, се унапредува образовната инфраструктура во Битола
Во битолската населба Буковски Ливади се изведуваат активности за адаптацијата на објект кој до крајот на годината ќе стане ново подрачно училиште на ОУ „Коле Канински“. Станува збор за инвестиција вредна 31 милион денари која ја реализира локалната самоуправа со поддршка од Владата. Денес увид во градежните работи извршија премиерот, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Јаневска истакна дека Владата продолжува со интензивни вложувања во подобрување на образовната инфраструктура, со цел сите ученици да имаат еднаков пристап до квалитетно образование, без разлика каде живеат.
„Честитки за оваа значајна инвестиција на општина Битола, реализирана со поддршка на Владата. Важно е да се гради онаму каде што има реална потреба, да се унапредува образовната инфраструктура и секаде да се создаваат услови за квалитетно образование. Со адаптацијата на овој објект, кој ќе располага со пет училници, библиотека и санитарни јазли, вклучително и за ученици со посебни образовни потреби, децата од населбата Буковски Ливади ќе можат основното образование да го завршуваат во своето место на живеење, наместо како досега секојдневно да патуваат во други населени места. Така им заштедуваме време и тие ќе можат повеќе да се посветат на учењето и да постигнуваат уште подобри резултати“, изјави Јаневска.
Министерката нагласи дека ова е само дел од значајниот инвестициски циклус што се реализира во Битола со поддршка на Владата и Министерството за образование и наука.
„Општината не е сама во заложбите за подобро образование. Обезбедени се средства за 15-тина инфраструктурни инвестиции. Министерството веќе ја заврши реконструкцијата на спортската сала во ОУ „Елпида Караманди“, во тек е изградба на една од трите нови училишни спортски сали, се финализира изградбата на седум училишни спортски игралишта, ќе се реконструираат четири училишта, а од следната година започнува и реконструкцијата на студентскиот дом „Кочо Рацин“. Станува збор за инвестициски циклус вреден над 450 милиони денари, односно повеќе од 7 милиони евра, со кој значително ќе се подобрат условите за образование и спортување во Битола“, потенцираше Јаневска.

