| |

Јотова ќе го пречека Андреј Ѓуров на „Дондуков“ 2

Претседателката на Бугариja Илијана Јотова го посочи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, Андреј Ѓуров, за службен премиер на земјата. Таа ќе го прими на „Дондуков“ 2 на 12 февруари во 10.00 часот и ќе му го даде мандатот за составување службена влада, јави БГНЕС.

Андреј Ѓуров беше еден од петтемина кандидати од т.н. „Домска книга“ кои, по средбите со претседателката Јотова, се согласија да ја преземат функцијата службен премиер.

„Со претседателката Јотова споделив дека сум подготвен да ја преземам одговорноста за службен премиер, доколку тоа се случи врз јасни принципи и без скриени услови. Тоа значи Бугарија–Европа, а таму се одржуваат чесни избори“, изјави тој по средбата со шефицата на бугарската држава, одржана на 28 јануари. Според него, чесни избори може да има кога една службена влада не се вмешува на политичкиот терен и останува неутрална.

Кој е Андреј Ѓуров?

Ѓуров е заменик-гувернер и член на Управниот совет на Бугарската народна банка, избран од бугарскиот парламент на 26 јули 2023 година со шестгодишен мандат.

Тој се вклучува во политиката во 2021 година во тогаш новоформираната партија „Продолжуваме промената“, основана од Асен Василев и Кирил Петков. Ѓуров е избран за пратеник во три парламентарни состави – 47-то, 48-то и 49-то Народно собрание. Бил претседател на пратеничката група на партијата во 47-то и 48-то Народно собрание.

Пред да влезе во политиката, предавал Корпоративни финансии, Управување со ризик, Проценување на компании и Управување со инвестиции на Факултетот за бизнис администрација при Американскиот универзитет во Благоевград.



Слични Објави