| |

In Memoriam George Lebamoff (Ft.Wayn, In 1927- 2026 Ft. Wayn, In)- последниот од великаните

Владимир Перев 

1. 
Ние балканците, секогаш блиски до менталната и духовна матрица на Ориентот, признале или не, веруваме во судбина, во она што се нарекува fatum, во некаква предодреденост, животна предреченост. Таква беше и мојата прва средба со Георги Лебамов, случајна средба во едно топло мајско претпладне во Скопје, 1993 година. Потоа нашата група, заедно се него се прошетавме низ Старата скопска чаршија, ручавме, за потоа да се договориме за вечера во кафеаната на Стојче во Градскиот парк. Јас знаев кој е тој, знаев речи си сѐ за МПО, а тој знаеше за потеклото на повеќето од нас. Блескавите очи зад стаклата на очилата и неговата широка, секогаш пријателска насмевка влеваа доверба. 

2. 
Веќе не се сеќавам кој сѐ беше на вечерата кај Стојче во парк. Знам само дека седевме на четири-пет споени маси, храна и пијалоци имаше во изобилие, а Лебамов сето тоа го нудеше со пријателски тон и насмевка и секогаш во добро расположение да ја плати сметката. Ниту тогаш, ниту некој друг пат сум го видел да се напие алкохол или да пуши. Што се говорело и кој што кажал не се сеќавам, ама тоа може да се види во моето досие водено од ДБК. Податоците ги дал тогашен актуелен пратеник од ВМРО ДПМНЕ, поканет и присутен на средбата опишувајќи нѐ сите нас во детали и релативно точно. На другиот ден, пред заминување ми кажа дека ќе ми испрати покана и авионска карта за Конвенцијата на МПО во септември во Торонто и очекува да дојдам. Му поверував…fatumot дејствуваше! 

3. 
Таа Конвенција беше последната вистински голема и историска. Беа претставници сите стари македоно-бугарски родови: Иван Татарчев, семејството Славчо и Марија Киселинчеви, Ѓуркови, синот на Симеон Ефтимов, Марија Коева Александрова, семејството Дрангови, а од македонската страна беше Ристо Пецев од Струмица, Симе Симев, семејството Чушкови од Велес, Димитар Галев и ред други. 

Потоа моите патувања станаа редовни-секоја година на конвенција во некој град во Америка, а потоа почнав да одам по два пати во годината на речи си целомесечен престој. Така, во зимниот период ја открив онаа другата Америка, Америка во Аризона со прекрасната топла клима и отворените базени. Се зацврсти моето пријателство и со целото семејство Лебамови, срдечно и континуирано. 

4. 
Георги Лебамов ми откри еден нов, за мене непознат свет. Ја слушав неговата животна приказна на младото момче кое кон крајот на Втората светска војна оди во американскиот корпус во Казабланка, за потоа да замине во Виена, во оние мрачни години на борба на источните и западните разузнавачки служби за превласт во тогаш, па и сега, длабоко поделената Европа. Враќајќи се од Европе, Георги го презема татковиот бизнис со алкохол и пијалоци, ја формира компанијата  Lebamoff’s, за сето тоа денес да биде успешна приказна. 

Со Георги ги видов сите поголеми градови во Америка, ја видов Швајцарија и Италија, се шетавме низ Македонија, Бугарија и Грција. Секаде имаше пријатели и роднини, сегогаш беше насмеан и дружељубив. Нашите десетина патувања во Грција, низ Костурско, беа доживување. 

5. 
Семејството Лебамови потекнува од село Вишени, Костурско, а неговата мајка од Блаца Б’лгарска. Бугарската национална свест и образование на целото семејство, ја определуваат нивната трагична судбина за време на Илинденското востание. Едниот дедо и двете баби на Георги се жртви на Востанието, жртви на Олтарот на зората на слободата во тој период. Аргир, таткото на Георги, како младо момче и сирак, заминува за Америка, за таму да се родат неговите деца. 

Георги беше вистински американец, по неговите сфаќања за животот, по животниот оптимизам, по непоколебливата вера во Бога и со невидена лична самоувереност. Во нашите разговори на моите прашања за бугарскиот етникум во Македонија и можностите за натамошна борба, одговараше со својата неизбежна насмевка: “Вие таму не знаете што е демократија, никогаш не сте живееле во демократија и тоа е првата лекција која треба да ја совладате. Потоа националната еднаквост и права ќе си дојдат сами по себе“. Целта стара гарнитура на МПО биле убедени михајловисти, онака како што се и повеќето македонски бугари. Но, во еден период МПО ги нарушува односите со Иван Михајлов кој живее во Рим и како причина се наведува неговиот авторитарен систем на владеење со организацијата. Новите сили во Америка, предводени од Иван и Георги Лебамови, заедно со уште една група од емиграцијата, се спротиставуваат на тој систем на владеење и односите на линијата МПО-Михајлов се заладени. Потоа работите се средуваат, но Ванчо Михајлов веќе никогаш не може да владее со тој авторитарен начин на безпоговорна послушност. Тоа беше првата и најважната лекција за американската демократија која ја нучив. 

6. 
Нашите патувања во Костурско беа обвиени со некаков превез на мистичност и недореченост, за некаде во заднината на нашите мисли да тлее споменот на крвта, херојството и бугарскиот непокор пред османлиите и андартите. Отседнувавме во Костур, за потоа да обиколиме Вишени, Черешница, Шестеово, Четирок, Несрам, навратувајки понекогаш и низ Препанско. Во речи си секое од тие места имаше гроб на блиски ули познати на Лебамови каде Георги палеше свеќа за спомен и слава на паднатите…секоја свеќа беше приказна за историја, жртва и херојство. Гледаш, ми велеше Георги, колку е овде убав воздухот, водата и храната, колку се убави планините, ама Америка е поубава…таму имаме демократија. 

Потоа времето си го направи своето. Тој не можеше да патува повеќе, па јас често одев кај нив во Форт Вејн. Со политичките промени ја загубив работата и заминав како технолошки вишок. Никогаш не ме заборави, никогаш не ме остави. Финансиски ме помагаше до последниот ден, говорејќи дека тоа се пари со кои јас не само што треба да живеам и да преживеам, туку треба да излезам во свет, тоа се пари за да се сочува моето достоинство. Така ти го пазиш и моето достоинство, ми велеше. 

7. 
Георги Лебамов почина на 9. февруари во својата 98 година од животот. Имаше убав, достоинствен и богат живот. Веста за неговата смрт ја примив во кафеана, каде со пријатели го чествував мојот 81. роденден. Почина на денот на мојот роденден. Ориенталните сенки на предодреденоста и фатумот надвиснаа над главите на сите присутни. 

Да, имаше тука нешто судбинско, нешто предречено…

Тој беше последниот од великаните, потомците на најстарата македонобугарска организација…беше последниот со јасен спомен за херојското минато и визија за нашата демократска иднина, ако воопшто ја добиеме. 

Георги, нека има светлина, многу светлина на твојот пат и нека те следи мојата благодарност за сѐ што направи за мене и за нашето пријателство. Знам, ќе се сретнеме пак…треба само да веруваме, така ти велеше! 

Слични Објави