ЗАЕВ СЕ СРЕТНА СО МЕНАЏМЕНТОТ НА КОМПАНИЈАТА„ ЕЛСЕВЕДИ ЕЛЕКТРИК “

Вести Истакнато Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев на средба со менаџментот на компанијата „Елсеведи Електрик“, предводен од основачот и сопственик, инженер Ахмед Ел Севеди, разговараше за можностите за инвестирање во земјата.

На средбата покрај делегација на мултинационалната компанија, присуствуваше и Франц Кухар, член на менаџментот на словенечката компанија „Искраемеко“ која е дел од групацијата „Елсеведи“.

Претставувајќи ја компанијата, господинот Ел Севеди покажа особен интерес за можностите за инвестирање во Македонија посебно во областите каде фирмата е лидер на пазарот и тоа за обезбедување целосни и интегрирани енергетски решенија во различни сектори како што се: проводници и кабли, трансформатори, управување со енергијата, електрични производи и производство на енергија од ветар и сончева енергија.

Премиерот Заев изрази задоволство од посетата на претставниците на реномираната компанија како и од покажаниот интерес од словенечката компанијата „Искраемеко“ која е меѓу водечките светски компании во мерните производи, системи и услуги на електричната енергија.

Тој ги информираше соговорниците за новиот Закон за енергетика, во кој се содржани ЕУ директивите и регулативите на Третиот енергетски пакет, како и дека Македонија е на прво место во регионот во однос на напредокот во исполнување на енергетските реформи.

Се разговараше и за отворените можности за инвестирање во железничкиот сообраќај, енергетската инфраструктура, хидроенергетскиот систем и секторот за природен гас.