|

ЈСП има нафта само за денеска

Иако јавниот превоз во Скопје е во фокус на јавноста поради проблемите со снабдувањето со нафта, седница на Советот на Градот засега не е закажана. Независниот советник и поранешен заменик-градоначалник Александар Трајановски за МИА потврди дека ниту Градот ниту советниците досега не иницирале итно свикување на седница. Дополнителен проблем е тоа што по заминувањето на Трајко Славески Советот нема постојан претседател, па за секоја седница мора да се назначува привремен.

Од ЈСП информираат дека прекин на автобускиот сообраќај во моментов не е планиран. Вчера попладне биле испорачани околу 20 тони нафта – по десет во секоја од двете автобази – што, како што велат, е доволно за вчера и денес.

Град Скопје вчера обвини дека компанијата „Пуцко петрол“ ја прекинала испораката на гориво и покрај тоа што постои активен договор со ЈСП. Во соопштението се наведува дека сопственикот Асмир Јахоски бил изложен на „силен политички притисок“ и „уцени“, а со тоа се обидува да се создаде хаос во главниот град.

Од Градот најавуваат покренување на постапка за материјална и кривична одговорност против Јахоски и „Пуцко петрол“, поради, како што велат, непочитување на договорот за снабдување со нафта, што директно би предизвикало прекин во функционирањето на ЈСП автобусите.

Од своја страна „Пуцко петрол“ во соопштение до јавноста посочи дека ваквите информации го нарушуваат угледот и деловниот интегритет на компанијата, притоа нагласувајќи дека во јавноста не бил презентиран еден значаен елемент – долгот на ЈСП кон нив, кој, според компанијата, надминува 10 милиони евра по фактури стари повеќе од две години.



Слични Објави