Јубилејна поштенска марка по повод 100 години од доаѓањето на Анџело Ронкали во Бугарија
Во катедралниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ денеска беше валидирана јубилејна поштенска марка по повод 100-годишнината од пристигнувањето на монсињор Анџело Ронкали во Бугарија како папски претставник, соопштија од Католичката црква во Бугарија, пренесува БТА.
Анџело Ронкали подоцна е избран за папа под името Јован XXIII, познат во Бугарија како „бугарскиот папа“. Тој поминал десет години во земјата и зачувал трајни спомени од престојот, а првата година ја минал во Софија, на улицата „Љулин планина“ број 5.
На настанот присуствуваа апостолскиот нунциј монсињор Лучано Суријани, епископот Петко В’лов – претседател на Меѓуритуалната епископска конференција, претставници на Католичката црква, Министерството за транспорт и врски и „Бугарски пошти“, како и авторот на марката, проф. Тодор Варџиев.
Епископот Петко В’лов истакна дека издавањето на марката е завршен настан од јубилејните одбележувања, кои вклучуваа научна конференција и јавни предавања, и ја нагласи значајната улога на Ронкали за Католичката црква во Бугарија по Првата светска војна.
Апостолскиот нунциј Лучано Суријани изјави дека Ронкали живеел и дејствувал во Бугарија во сложен историски период и потсети на енцикликата Pacem in terris од 1963 година, посветена на мирот, чија порака и денес е актуелна.
Поштенската марка е пуштена во оптек со одлука на Министерството за транспорт и врски и се дистрибуира од „Бугарски пошти“. Таа има номинална вредност од 3,75 лева и тираж од 5.500 примероци.
