Јункер доаѓа во недела за да се сретне со државниот врв
Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер својата балканска турнеја ќе ја започне в недела на 25 февруари со посета на Македонија, во рамки на која до 1-ви март ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан.
Претседателот Јункер ќе го придружуваат високата преставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан. Во Македонија засега се потврдени средби со премиерот Зоран Заев и со претседателот Ѓорѓе Иванов, но не се исклучуваат дополнителни средби.
Јункер и Заев треба да одржат и заедничка прес конференција, потврдуваат од Европската Комисија.
Во Европската Комисија одбиваат засега да влегуваат во детали околу пораките кои ќе му бидат пренесени на македонското лидерство, особено во однос на прашањето за името, за кое притисок доаѓа и од Германија.
Турнејата по Западен Балкан, првиот човек на ЕК ќе ја заклучи со посета на Бугарија, која во моментов претседава со Европската Унија. Јункер во Софија ќе се сретне со престедателот Бојко Борисов и ќе присуствува на заеднички ручек со сите премиери на земјите од регионот.
