КАДЕ ЌЕ СЕ ИГРА НОВОТО СВЕТСКО ВО УКРАИНА, УНГАРИЈА ИЛИ?
Не сакам воопшто да наликувам на оние два-триесет „жестоки момци” кои кај дел од нивните фамилии (се разбира не кај сите) се нешто повеќе од стрип јунаци, па маршираат, предупредуваат, демонстрираат сила заканувајќи се така што „земјата се тресе” таму каде што минуваат. Се поистоветуваат со некои други супер-херои кои го држеле светот под контрола, па овие како нивни пријатели ќе не одбранеле од злото… Барем да измислеа некоја нивна револуција, сѐ некако на овие простори е бледа копија, портокалови, па шарени, па жолти елеци… и сѐ имаме само револуција немаме или пак многу брзо ја забораваме.
Ако погледнеме малку подалеку мислам дека „големите” веќе го прецизираат тајмингот, но не е дефиниран теренот за новото „светско првенство”. Ја нема повеќе онаа генерација која се сеќава како изгледаше минатото „светско” од Полска, па може да се финишираат припремите за новото, иако плачот и последиците и тогаш и сега се истите, но поважно е што математиките на „големите” се остварени и нивните економии и индустрии нема да стагнираат. Јасна е борбата на Г 7, Г 20, Г незнам колку, но знам дека сите се за една добра Г 6 поза, па можеби ќе му се родат некои нови чувства за „спас” на светот. За разлика од другиот животински свет во кој балансот се одржува со синџирот на исхрана, човекот како канибалистичко-предаторски вид има разум кој го користи за одржување на балансот со самоуништување на стотина милиони луѓе одвреме-навреме.
За жал ова најново прегрупирање потсетува на тоа, наеднаш му паѓа жал за жртвите од некоја си војна таму некаде која не е од вчера, па ајде сите што бегаат да ги приберат кај себе… Имаше во минатото една слична ситуација таму некаде во Јужна Америка. А пак ние „најјаките“ овде на Балканот по навика редовно учествуваме во овие натпревари, а често сме и домаќини па затоа сметките ни се толку помешани и општа корист е да не се порамнуваат. Не знам само зошто ниту еднаш не се нашол некој паметен да извлече некоја полза на наша страна од сето тоа.
Со оглед на сѐ она што го изнагледавме кај нас сите овие години наназад и ова што го гледаме денес, не е ни чудно да бидиме „шанкурето” кое едните големи ќе го пуштат кај другите големи за да врзи некоја шлаканица за потоа тие да се пресметаат, но тешко него ќе биди додека дојдат да го спасат. Со вакви политичари имаме добра шанса за тоа, ех каков потенцијал има овде, па затоа можеби е дозволена играта без правила, па имате комплетна слобода без ограничувања во вашите одлуки.
Ало бре дечки слезете на земја, глумите лидери а за со гајда сте, што сте покажале па камоли да се сретнете со некоја не дај Боже ваква ситуација. Едниот вергла по митинзи, ме потстеи на онаа фамозна изјава „патот масовно на цело село”, другиот опиен од „успехот” го споредувале со не знам кој, па нон-стоп е во движење така што и сам не знае каде и што кажал, ама важно … Абе граѓаните ви дале доверба да ги водите, да се грижите за нив, а не да се борите за да раскрчмувате и да ја праќате вашата тајфа во наплата, па ај пу-пу не важи повеќе моето, е ај сега скарани, па ај сега смирени. Абе кој успех, кои патриоти, кое добро му го мислите на своите граѓани и каде воопшто ја водите цела ситуација? Дали воопшто имате појма што правите освен тоа што го докрајчувате и последното што останало? Дали воопшто имате појма што значи лидер, водач?! За жал овие граѓани не успеаа да го вкусат тоа чувство, одамна тука не се појавил некој таков. Мудроста и грижата ќе ни бидат очајно потребни во периодот што следи. Не заборавајте дека во натпреварите што сме ги играле во минатото од вакви слични на вас сме служеле за полнење вода или да трчаме по топката кога ќе излезе надвор од теренот.
Дечки не сте го пробале вкусот на револуцијата, патот до Републиката води токму од таму…
Автор: Благојче Трајковски, член на УК на ГДУ

