| |

Каде одиме со “европскиот”, а каде со “патриотскиот” фронт?

Facebook статус на Никица Корубин

Ништо подобро не ја отсликува суштината на македонската политика денес, како сликата од првиот ред во Македонскиот Народен Театар на прославата на српскиот национален празник на Свети Сава во Скопје. “Она што не може да те уништи, ќе те направи посилен”, може комотно да се примени на сржта на она што го “славеа” двете најголеми македонски политички партии, претставени на највисоко ниво (сосе претседателот) обединети заедно околу флагрантниот антипод на ЕУ, евроинтеграцијата и нормализацијата на Северна Македонија.

И бидејќи “јуначки” издржаа да не ги изгласаат уставните измени (едните со одбивање на обврските, а другите со легитимирано нормализирање на одбивањето) и тоа не го уништи нивниот (не)скриен лажен про-европски дух, дефинитивно го направи посилен нивниот про “Отворен Балкан” дух. Затоа што во првиот ред, имаше повеќе редовни “гости” кај Орбан, Вучиќ и Путин, отколку во Брисел и Вашингтон. И домашни и странски. Од ова само можеме да извлечеме заклучок дека во време на избор на техничката влада, не е ЕУ она што ги спои власта и опозицијата, туку Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ.

А, тој никогаш појасен, во својата клучна порака, кон нашиот наменски обединет партиски естаблишмент: “Ние не ви бараме ништо и единствено од вас очекуваме и се надеваме да ја прифатите нашата братски пружена рака”. Единствено дискутабилно е што е тоа “ништо”, во моментот кога “нашите” со егзалтација ќе ја прифатат “братски пружената рака”: дали во пакет доаѓа автократија, изборен инжињеринг Брикс, распад на БИХ, Русија, а особено “мајка СПЦ, Стара Србија, и “вековните српски манастири” каде може да го најдат “македонскиот идентитет”; Отворен Балкан го добивме гратис и авансно, за да не’ спремат што не’ чека. Затоа што “вековниот сон” на секој Македонец е да живее и работи во некој град во Србија и Албанија, е не во “трулиот Запад” кој само што не се распаднал. Кој наратив исто така не’ чека во “братски пружената рака”.

Можеби е малку чудно за земја членка на НАТО, и кандидат за ЕУ, да размислува за “братски пружената рака”, од земја со блокирани евроинтеграции, про-руска политика, и целосно отсуство на владеење на правото; а особено станува чудно што е тоа прифатливо за власта (и македонска и албанска), која “сруши локален режим” за да се приклони на регионален и глобален?

Како успеа за неколку години, наместо да ја демократизира Србија (што веројатно е иницијалната каписла за Отворен Балкан од позиција на САД), да ја компромитира, узурпира и “србизира” цела македонска граѓанска борба за нормална и европска држава? Голем тест ќе бидат изборите за вистинското европејство на СДСМ и нивните коалициони партнери; надвор од комотната позиција “ВМРО-ДПМНЕ се антиевропски, проруски и криминални” затоа што ниту еден од овие атрибути, очигледно не се пречка ниту за (делови од) власта во дружбата во и околу “српскиот свет” на Отворен Балкан.

За опозицијата секако не е ништо ниту чудно, ниту туѓо, затоа што “генералната проба” за многу регионални и светски аномалии во примена законот, веќе ја тестираа во повеќе наврати врз нас, како граѓани. Единствено што е само навидум чудно, е нивното поимање на “македонскиот идентитет” и особено одбрана на истиот. Како по учебник. Нека биде југословенски, а не само српски. Се’ што е антибугарско и антиалбанско е македонско. Грција на дистанца, па некако некој мора да стигне до Солун, зарем не? За нив изборите нема да бидат никаков тест, туку потврда. Дека прво што требало да се узурпира и компромитира уште 90-тите било историското име ВМРО. Ставот варира, ама стравот никако.

И ако ја подвлечеме цртата, каде иницијално сакаат да не’ одведат “европскиот” и “патриотскиот” фронт? Гледајќи ги така здружени, лево и десно околу гостинот, кој беше поставен централно, не е лошо забрзано да почнат да читаат историја, особено декларираните Европејци, како и секој добар политичар: модерна, поблиска и подалечна; затоа што атрибутот “историски неписмени” ќе биде многу благ и добронамерен во споредба со другата опција. Quo vadis Северна Македонија? Каде ја водите сопствената држава, земја, граѓани?

Свесни ли сте, неинформирани или тенденциозни? Разбирате ли што значи НАТО членка, разбирате ли што значи опстанок на држава, и ја разбирате ли воопшто суштината на евроинтегративниот процес, во моменти кога е на удар светската демократија? Разбирате ли било што надвор од пропагандата, клановскити и дворски игри, “црните листи” од кои бегате, и лукративноста која ве обзема? Политиката не е партијата, политиката е одлуката која се носи и свесноста за последиците од истата. Сигурна сум дека многумина се свесни за ова.

Во моментов се чини дека единствени кои јасно и недвосмислено разбираат, и се најблиску до тоа што е приоритет за државата, е здружената албанска опозиција, колку тоа страшно и да звучи за “македонските албанофобски уши”. Нападот на кои што се изложени од “двете страни” на власта е јасниот показател за тоа. Можеби е и до “духот” на Албин Курти, недвосмислено најевропскиот политичар во регионот.

И токму демократичноста на тој дух ги соблазнува и македонските “елити”. Затоа што не е прашањето дали, туку кога ќе дојде и во македонскиот круг на партии. И всушност главната разлика што треба да се направи на овие избори е “европскиот дух” како синоним за демократија, вредности и фунционален систем, и вистинската верба во тие вредности; а не “европски” како гол наслов на изборна кампања. Време за учење и читање секогаш има, ама ниту едно време не е доволно, ако нема искрена намера. А, намерата мора да се види, почуствува и имплементира. Изборите се блиску, ама вака поставен патот, кој треба(ше) да биде многу краток, го правите непредвидливо долг и неизвесен. А, време се помалку … и за вас и за нас, граѓаните.

Слични Објави