Во Софија ќе се одржи Меѓународен форум за кирилицата под мотото „Духовното наследство во дигиталниот век“
На 25 и 26 март во Софија ќе се одржи Меѓународниот форум за кирилицата, организиран по иницијатива на претседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Форумот ќе се одржи во сала 6 на НДК, под пaтронатот на Националната комисија на Бугарија за УНЕСКО, со поддршка од Министерството за образование и наука и Бугарската православна црква.
На настанот, кој се одржува по трет пат, научници од Бугарија и од светот ќе дискутираат за теми како „азбучните војни“ во словенскиот свет, улогата на кирилицата, јазикот на медиумите и дигитализацијата на старопечатените изданија во 21 век.
„Бугарскиот јазик, букви и книжевност го дефинираат нашиот идентитет веќе 14 века“, истакнува Јотова, нагласувајќи ја важноста на духовното наследство.
На форумот ќе учествуваат научници од БАН, бугарски универзитети и меѓународни истражувачи од повеќе европски и азиски земји, како и ученици од Националната гимназија за древни јазици и култури, кои ќе презентираат проекти на тема кирилицата и вештачката интелигенција.
Вториот ден од форумот ќе продолжи во Рилскиот манастир, каде ќе бидат одбележани 1150 години од раѓањето и 1080 години од упокојувањето на Свети Иван Рилски.
