Бугарски научници открија нова „супер-Земја“ во ѕвездениот систем GJ 1137
Меѓународен научен тим со водечко бугарско учество откри нова егзопланета од типот „супер-Земја“ околу ѕвездата GJ 1137, оддалечена 91 светлосна година од Земјата. Откритието е направено во рамки на проектот EXO-RESTART при Катедрата за астрономија на Физичкиот факултет на Софискиот универзитет и е објавено во списанието Astronomy & Astrophysics, пренесува бугарскиот дневен весник 24 часа.
Водечки автор на истражувањето е Деница Стоева, докторант по астрономија. Новооткриената планета, GJ 1137c, има орбитален период од 9,4 дена и маса повеќе од пет пати поголема од Земјата.
Откритието е резултат на анализа на долгорочната магнетна активност на ѕвездата, базирана на податоци собрани меѓу 2004 и 2017 година со спектрографот HARPS на Европската јужна опсерваторија во Чиле. Истражувачите користеле 140 прецизни мерења за да ги разграничат сигналите од ѕвездената активност и оние предизвикани од планети.
„Големата количина податоци што опфаќа 13 последователни години ни овозможи успешно да го разграничиме ‘пулсот’ на ѕвездата од сигналите предизвикани од егзопланети“, изјави Стоева.
„Подробното моделирање на лачните брзини заедно со ѕвездената активност го откри сигналот на новата супер-Земја и нè заштити од погрешно толкување на ѕвездениот циклус како џиновска планета“, истакна Атанас Стефанов, коавтор на студијата.
Откритието ја нагласува важноста на долгорочните набљудувања при потрагата по егзопланети и придонесува за подобро разбирање на планетарните системи надвор од Сончевиот систем.

